Фото: Илустрација

Америка и Иран задишани го трчаат почесниот круг

Во случајот со Иран, а и општо, тешко е да се процени дали променливите ставови на американскиот претседател Доналд Трамп се тактика, одраз на нестабилност или, пак, се должат на други фактори, но независно од тоа зошто тие се такви, збунетоста што ја создаваат може да ја ослаби неговата позиција бидејќи таквите маневри можеби се успешна тактика на кратки растојанија, но се проблем на долги патеки.

Америка и Иран се спремаат за втората рунда преговори во Пакистан. Според некои извори, индиректно се договараат да го продолжат двонеделното примирје, но американскиот претседател Доналд Трамп рече дека можеби и нема потреба од таков чекор за постигнување конечен договор. Иран има свои барања, а исто и Америка. Сепак, оваа реторика на одмерување на силите е завеса, со по неколку големи дупки од молци, што се обидува да ја скрие стварноста – двете страни сакаат да се заврши работата, освен, можеби, Израел.

Шансата за успех на втората рунда преговори расте поради неколку причини. Околностите се во најмала рака непријатни за двете страни. На Трамп итно му треба договор бидејќи светот е на работ на економска криза, а Америка не е имуна на тоа. Таборот на Трамп е незадоволен од неговите постапки, и покрај тоа што републиканските сенатори ги блокираат обидите на демократите да ја запрат војната во Иран, што повеќе е поврзано со проекцијата на политичка моќ во Америка одошто со вистинска наклоност кон чекорите на американскиот претседател.

Во случајот со Иран, а и општо, тешко е да се процени дали променливите ставови на американскиот претседател се тактика, одраз на нестабилност или, пак, се должат на други фактори, но независно од тоа зошто тие се такви, збунетоста што ја создаваат може да ја ослабне неговата позиција бидејќи таквите маневри можеби се успешна тактика на кратки растојанија, но се проблем на долги патеки.

Клин со клин се избива

Иран е во незавидна ситуација. На површината, Техеран покажува отпор, но реалната состојба укажува на значително ослабнување на државните и на воените структури по илјадниците американски и израелски воздушни удари, а дополнително има шанса и за копнена инвазија од американската војска.

Иран се бори со сета сила да ја наметне својата позиција, но тешко дека ќе извојува воена победа бидејќи неговата воена моќ не може да се спореди со онаа на САД и на Израел заедно. Земјата, исто така, се наоѓа во регионална изолација и под силен притисок од соседите, кои се сојузници на САД. Државите што не се сојузници, пак, не покажуваат иницијатива за воена поддршка за Иран, пред сѐ поради проблемите во нивните дворови.

И покрај својата „храбра“ реторика, земјата на Персискиот Залив претрпува значителни штети. Америка сега спроведува блокада на иранските пристаништа и на Ормускиот Теснец, како одговор на првичниот ирански притисок и обид да се принудат САД на преговори преку ограничување на движењето низ теснецот, што се одрази на целата светска економија.

Техеран се соочува со сериозни економски последици откако Америка го удри со свој чекан по своја глава, а заканите дека „ќе ги потопи американските бродови во Ормускиот Теснец ако САД почнат да го контролираат“ изгледа дека немаат силна подлога. Повеќе се чини дека двете страни бараат заедничка основа за повторно отворање на Ормускиот Теснец и за нуклеарно ограничување, каде што разликите се повеќе технички одошто суштински. Главните спорови сега се сведуваат на должината на замрзнувањето на иранското збогатување на ураниум, како и на прашањата за санкциите, за што е можен некаков компромис.

Израел има други планови

Сепак, Израел во оваа ситуација е џокерот што може да ја расипе целата „забава“ бидејќи води своја битка со Хезболах и со Хутите, што може да влијае врз секој потенцијален договор. Израел е блиску до Иран, па и повеќе се плаши за својата безбедност, поради што го вика својот силен сојузник (Америка) напомош, секогаш кога ќе се почувствува загрозен.

Во случајов, ако американско-израелските операции успеат да ја деградираат иранската воена и економска способност побргу одошто Иран може да се адаптира, тогаш Техеран ќе биде принуден на компромис. Но, ако Иран успее да го одржи протокот на енергенти преку закани во Персискиот Залив и да ја задржи поддршката од Кина и од Русија, тогаш конфликтот ќе се претвори во долготрајно и мачно натегање во сива зона, односно ќе има комбинација од санкции, сајбер војна и од постојани мали конфликти што ќе се разгоруваат, па ќе се смируваат. Израел ќе го напаѓа Хезболах во Либан, со повремени воени екскурзии во Иран, Америка ќе се вклучува, па ќе балансира, Техеран ќе дава отпор, а сојузниците на двете страни ќе го користат конфликтот во своја корист. Други, пак, ќе ги трпат последиците, веројатно Европа која зависи од увозот на гориво од Блискиот Исток.

Овие преговори секако нема трајно да го решат проблемот, дури и доколку се постигне некаков компромис „на патерици“, бидејќи не произлегуваат од вистинска желба за долгорочен мир, туку од исцрпеност и од прагма. САД под водство на Доналд Трамп и Израел не се земји што баш силно се потпираат на дипломатски алатки, а и самиот конфликт не е нов, туку има длабоки историски корени поврзани со географијата, историските и со културолошките прилики во регионот. Затоа, тешко е да се негува оптимизам за решение кое трајно би спречило ново разгорување на конфликтот во иднина. Државите што не се фокусирани на дипломатијата во своите стратегии, секогаш ќе разгоруваат конфликти. Постои едно познато правило, демократските земји никогаш не војуваат меѓусебно.

ВИДЕО | Израелската армија бомбардираше подземен борбен комплекс на Хезболах

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот