Али Адем: Овој Шкупи е способен за многу достигнувања и тоа ќе го докажеме против Левски

фото: fcshkupi.com

В четврток од 21.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје екипата на Шкупи ќе го игра првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига против Левски Софија.

Потсетување дека во првото квалификациско коло убедливо со севкупни 5:0 го елиминираше литванскиот Хегелман. Своите очекувања во пресрет на овој дуел на прес конференција ги споделија тренерот на Шкупи, Чихат Арслан и фудбалерот Али Адем.

– Секако, Левски е посериозен противник од оној што го имавме претходно. Тоа е нов натпревар и потребна е нова стратегија. Целиот концепт на натпреварот се менува и нормално дека се подготвуваме имајќи го на ум противникот. Левски е сериозна екипа, со години е дел од европските натпреварувања. Играат напаѓачки фудбал и имаат такви играчи. Покажавме и слабост и тоа треба да го поправиме. Ќе се обидеме да бидеме покреативни – вели Арслан.

Стратегот на клубот од Чаир истакна дека неговиот тим игра технички фудбал, а тоа е секогаш тешко остварливо на теренот, особено против квалитетен противник.

– Кога ќе победите со 5:0, имате повеќе стрес отколку радост. Затоа што е тешко да се помирите со фактот дека сте победиле со толку висок резултат. Со тој резултат испишавме историја, но тоа е само достигнување и продолжуваме понатаму. Левски е клуб со историја, кој има млад тим, со просек од 23 години. Голманот има само 18 години и веќе има цена од 1,5 милиони евра. И ние имаме млад тим, имавме просек од 28, а сега сме 24. Со напорна работа мислам дека ќе постигнеме нешто што не е постигнато. Мојата цел не се само првите 11 што ќе настапат, туку и оние на кои ќе им треба половина час да го дадат својот максимум – рече меѓу другото тренерот Арслан.

Арслан на крајот испрати порака до сите љубители на фудбалот да дојдат на стадионот во што поголем број и да ја дадат поддршката.

– По дуелот со Хегелман сите сме фокусирани на овој натпревар. Со помош на навивачите се надеваме на поволен резултат. Овој Шкупи е способен за многу достигнувања и тоа ќе го докажеме на утрешниот натпревар – изјави играчот за врска на Шкупи, Али Адем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот