Алармантно откритие: Оваа утринска навика носи поголем ризик од смрт
Нова студија покажала дека подолгите и почести утрински дремки кај постарите лица може да бидат поврзани со повисока стапка на смртност и укажуваат на можно скриено нарушено здравје.
Препорачано
Истражувањето, објавено во списанието „ЈАМА нетворк опен“, опфатило повеќе од 1.300 возрасни лица на возраст од 56 години и постари кои биле следени околу 19 години, со просечна возраст од 81 година. Научниците анализирале модели на дремки и ги споредиле со вкупните стапки на смртност, пишува „Бостон глоуб“.
Студијата ја спровеле истражувачи од Мас џенерал Бригам и Раш медицинскиот центар, а резултатите се објавени на 20 април во списанието „ЈАМА нетворк опен“. Посебен фокус е ставен на утринските дремки, како и на должината и фреквенцијата на дремките во текот на денот.
„Кратките дремки можат веднаш да го ублажат заморот и да ја подобрат будноста“, навеле авторите.
Но, тие предупредиле дека претераното често дремнување подоцна во животот е поврзано со негативни здравствени исходи, вклучувајќи невродегенеративни болести, кардиоваскуларни болести, па дури и поголем морбидитет (зачестено заболување од одредена болест кај некоја популација).
Во новата студија биле користени податоци собрани преку носливи уреди, за разлика од претходните студии кои главно се потпирале на самопријавени навики за спиење.
Според авторите, ова е една од првите студии што ја истражуваат врската помеѓу објективно измерените модели на дремка со вкупната смртност. Тие нагласиле дека резултатите укажуваат на „огромната клиничка вредност на следењето на моделите на дремење за рано откривање на здравствените проблеми“, но потсетуваат дека станува збор само за постоење на врска помеѓу овие појава, а не за доказ дека дремката е причина за смрт.
„Прекумерното дремење веројатно укажува на основната болест, хроничнитесостојби, нарушувањата на сонот или нарушената циркадијална регулација“, рекла водечката авторка Ченглу Гао, истражувачка во Одделот за анестезиологија во Мас џенерал Бригам.
Таа додала дека сега кога е утврдена силна поврзаност помеѓу моделите на дремење и стапките на смртност, постои основа за воведување проценки на дневното спиење преку носиви уреди за да се предвидат здравствените состојби и да се спречи понатамошно влошување.


