Ако во паѓа косата или сте депресивни, можеби страдате од постковид

Фото: Профимедиа

Постковид синдромот сѐ почесто предизвикува нови компликации и бара понатамошно лекување. Болеста на секого влијае поинаку. Се случува некој со благи симптоми на коронавирус да развие потешки компликации од оние кои имале потешка форма на ковид-19. Постковид е состојба која се карактеризира со широк распон на долготрајни или нови здравствени проблеми, кои заболените од ковид-19 може да ги доживуваат со денови или со недели откако се заразиле со вирусот SARS-CoV-2. Дури и оние заболени кои немале симптоми може да имаат постковид состојба.

Иако тие се нарекуваат со различни имиња (долготраен ковид, постковид, ковид на долги релации, постакутен ковид-19, долгорочни ефекти на болеста ковид-19 или хроничен ковид), лекарите разликуваат долготраен или продолжен ковид што го следат симптоми како што се замор, слаба толеранција на напор, болка во градите, болки во зглобовите, палпитации, краток здив, одредени психијатриски и нарушувања на концентрацијата и меморијата, генерално намален квалитет на живот подолго од четири недели. Ако таквите нарушувања траат подолго од 12 недели, тоа се нарекува постковид синдром.

Научниците се обидуваат да откријат повеќе за краткорочните и долгорочните ефекти на здравјето поврзани со ковид-19, кој ги добива и зошто, а досегашните истражувања покажуваат дека 10-15 отсто од сите пациенти со ковид-19 може да имаат подолготрајни симптоми. Болка во градите, отежнато дишење и сува кашлица се само некои од проблемите. Нарушувањето или целосното губење на сетилото за мирис и/или вкус погодува 55-60 отсто, а еден преглед на студии открил и дека 47 отсто од заболените развиваат промени во вкусот или мирисот.

Истражување спроведено во Даблин покажало дека повеќе од половина од заболените имале постојан замор 10 недели по закрепнувањето, што значајно влијае на квалитетот на живот и работната способност. Од јули 2021 година, долготрајниот ковид-19, на пример, во Америка се смета за попреченост (инвалидитет).

Кога да се посомневате на долготраен ковид?

Лицата со долг ковид имаат низа нови или постојани симптоми кои може да траат со недели или со месеци откако се заразени и кои може да се влошат со физичка или ментална активност.

Вообичаените симптоми вклучуваат:

– Замор
– Тешкотии во размислувањето или концентрацијата (понекогаш се нарекуваат „мозочна магла“)
– Отежнато дишење или задишување
– Главоболка
– Вртоглавица и зашеметеност
– Забрзано чукање на срцето
– Болка во градите
– Кашлица
– Болка во зглобовите или мускулите
– Депресија или вознемиреност
– Зголемена температура
– Дијареја
– Промени во мирисот и вкусот
– Проблеми со спиењето
– Осип
– Опаѓање на коса
– Промени во расположението
– Промени во менструалниот циклус

Некои луѓе кои имале потешка форма на болеста имаат повеќеоргански ефекти или автоимуни состојби во тек на подолго време. Мултиорганските ефекти можат да влијаат на многу, ако не и на сите, телесни системи, вклучувајќи ги функциите на срцето, белите дробови, бубрезите, кожата и мозокот. Некои се соочуваат со оштетување на белите дробови, срцето (вклучувајќи и воспаление на срцевиот мускул), оштетување на бубрезите, невролошки оштетувања, оштетување на васкуларниот систем, што резултира со слаб проток на крвта, долготрајни состојби поврзани со менталното здравје…

Кога да посетите лекар?

Должината на времето потребно за опоравување од ковид-19 зависи од личност до личност, а често е поврзано и со тежината на акутната фаза на болеста. Ако се потешки и посериозни симптомите, потребно е повеќе време за враќање на т.н нормална рутина.

Но, ако симптомите не се намалат во неделите на закрепнувањето, ако се присутни и по шест до осум недели од завршувањето на акутната фаза на болеста, ако се влошуваат или се новонастанати, секако потребно е да се направи лекарски преглед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот