Женските организации згрозени за скандалозниот случај со пациентката со погрешно дијагностициран рак

Фото Веб страна

Нецела седмица по Осмомартовскиот марш, неажурното правосудство и Лекарската комора јасно порачуваат дека жените во земјава можеби ќе преживеат, но правда тешко дека ќе дочекаат, реагираат организации кои се борат за женските права.

Платформата за родова еднаквост е згрозена поради најновиот скандалозен случај на жена на која поради погрешна дијагноза за рак на дојка ѝ била направена двојна масектомија, и крајно револтирана поради инертноста на надлежните институции и флагрантното кршење на законите, особено кога станува збор за груба повреда на правото на здравје. Сторијата ја објави „Слободен печат“ базирано на документација и на сведочењето на пациентката која тврди дека и биле отстранети дојките иако немала рак. Таа бара обвинителството да донесе јавнообвинителска одлука со оглед на тоа што предистражната постапка трае многу долго и никој не одговара за направените пропусти.

Денеска Платформата составена од организации кои се борат за женските права и кои се во голема мера раководени и сочинети од жени, испрати реакција за случајот: „Сочувствуваме со пациентката на која ѝ е сериозно прекршено правото на здравје и телесна автономија, што има огромни последици за нејзината добросостојба и квалитет на живот.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, организација-членка на Платформата, од 2018 година кога пациентката поднела кривична пријава против двајца лекари и Клиниката за радиотерапија и онкологија за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно работење во службата, па до ден-денес Јавното обвинителство нема донесено одлука за подигнување обвинение или за запирање на истражната постапка. Згора на тоа, Вишото јавно обвинителство – кое реагирало по поплака од Хелсиншкиот комитет! – известило дека Основното јавно обивинителство постапувало во согласност со Законот за кривична постапка и Законот за јавно обвинителство и покрај тоа што истражната постапка трае речиси 4 години.

За надлежните не е спорно непочитувањето на законски утврдените рокови според кои истражната постапка може да трае најмногу 13 месеци, ниту неажурноста на Лекарката комора која доставила Извештај за вршење вонреден инспекциски надзор по повеќе од 2 години, и тоа по ургенција на Хелсиншкиот комитет.

Оттука, со голем револт и разочарување констатираме дека на ваков начин и правосудниот систем и Лекарската комора посветено придонесуваат кон културата на неказнивост, недовербата во системот и непочитувањето на човековите права со што директно ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените.

Имајќи го сето ова предвид, Платформата за родова еднаквост бара од Јавното обвинителство итно да постапи и да донесе јавнообвинителна одлука. Одговорност мора да има!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот