д-р Марија Сековска/Фото: Фејсбук

Жените ги фатија мажите под рака и ги однесоа на „Геријатрија“ бесплатно да проверат простата

Врз повеќе од 70 пациенти беше направен скрининг со ехо-преглед од тим на искусни специјалисти од Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје

Лекарите, сестрите и другите вработени во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје вчера имаа „вонредно дежурство“ по повод традиционалниот настан што го организираат четврти пат по ред заради подигнување на свеста за значењето на машкото здравје.

Врз повеќе од 70 пациенти бесплатно беше направен скрининг со ехо-преглед за проверка на простата од тим на искусни специјалисти, на кои во припомош им дојде и уролог од Градската општа болница „8 Септември“.

– Иако имаше метеж, брзо одеше затоа што тројца доктори прегледуваа истовремено. И лани бев да се прегледам, повозрасен сум и затоа се проверувам еднаш годишно. Урологот ми препиша апчиња за полесно мокрење и задоволен сум што, ете, нема да морам често да станувам ноќе, меѓу другото – ни изјави еден од пациентите.

Како што жените прават гинеколошки прегледи, така и мажите повозрасни од 50 години би требало да го прегледаат уринарниот систем и простатата.

– Треба секој маж над 50 години еднаш годишно да направи уролошки преглед. Жените не сакаат да одат на гинеколог, мажите уште помалку на уролог, па најчесто жените ги носат мажите на вакви прегледи. Сепак, мажите треба да се свесни дека сами треба да се грижат за своето здравје, особено оние во чии семејства претходно имало такви заболувања. Има огромен интерес денеска, сите ќе бидат прегледани, а оваа акција ќе продолжи и в година. Се надевам дека ќе се намалува бројот на пациенти што доаѓаат тука, а ќе се зголемува бројот на оние што одат на редовни прегледи – ни изјави директорката на болницата, д-р Ленче Нелоска.

Директорката д-р Ленче Нелоска во консултација со колегите/Фото: Фејсбук

Заинтересираните кои за прегледот се пријавуваа преку телефон или на лице место, претходно требаше да испитаат тумор маркери за простата, т.н. ПСА, како и уринарен статус.

– Секој маж, кога ќе му се појават симптоми, како ноќно мокрење, недоволно измокрување, намален млаз на мокрење или печење при мокрење, би требало да се јави кај уролог, да направи ултразвук за да се види големината и формата на простатата, со цел да се утврди дали има некоја промена. Доколку се види нешто сомнително – нерамнина во формата или присуство на калцификат – пациентот треба да се јави на преглед и кај уролог – вели за „Слободен печат“ примариус д-р Марика Филипова.

Таа додава дека најчести болести се простатит (воспаление) и зголемена простата, но дури и да се откријат евентуални малигни промени во овој „машки орган“, многу е важно тоа да биде во почетна фаза, зашто во тој случај поголема е веројатноста за успешно излекување.

Прва асоцијација кај мажите кога станува збор за простатата е болеста рак, што можеби е причина за стравот од проверка. Исто така, и предрасудите се тие што ги одвраќаат од редовното контролирање на своето здравје.

– Не се сите промени на простатата опасни. Ме радува што сè поголем број мажи се решаваат да се проверат за да спречат посериозни болести. Предрасудите се надминуваат и се обидуваме и ние интернистите, особено уролозите, да им објасниме дека за секоја промена на простатата не треба да се крева паника – додава д-р Филипова.

Примариус д-р Марика Филипова/Фото: Фејсбук

Покрај Ивановска, ехо-прегледи вршеше и нејзината колешка доктор Марија Сековска, а акцијата ја поддржа и специјалистот-уролог од „8 Септември“ д-р Дарко Марковски.

– Не само ноември, туку секој месец да биде како ноември. Мажите треба да се свесни за своето здравје, особено популацијата над 50 години би требало задолжително еднаш годишно да прави уролошки преглед што опфаќа ехо на уринарниот тракт и туморски маркери за простата. Тие што имаат фамилијарна историја се препорачува да ги почнат прегледите од 45 години, па дури и порано – изјави д-р Дарко Костовски, уролог во ГОБ „8 Септември“.

 

Настанот со своето присуство го поддржаа и градоначалниците на Карпош и Ѓорче Петров – Сотир Лукровски и Александар Стојкоски.

Ноември е прекрстен во Моември поради кампањата за подигање на свеста кај мажите за превенција и рано откривање на машките болести, без разлика дали станува збор за малигни или бенигни заболувања на простата или други болести кои го намалуваат квалитетот на животот.

Глобално, секоја година сè повеќе мажи се под ризик од сериозни здравствени последици поради недоволна информираност за болестите. Кампањата е со цел да се поттикнат мажите почесто да посетуваат лекар и да имаат редовни превентивни прегледи кои можат да помогнат во рано дијагностицирање на болестите, а со тоа и овозможување на навремен третман и излекување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот