Жени се жалат дека доцни породилното, ФЗОМ тврди дека исплатите се континуирани
Неколку жени кои се на породилно отсуство, во редакцијата на „Слободен печат“ се жалат дека исплатите од породилното доцнат.
Препорачано
Денес сме 29 април, а многу мајки сè уште немаме исплата и прашање дали до крај на овој месец ќе имаме затоа што уште утре е работен ден. Секој месец буквално исто. Ѕвониме во ФЗОМ од таму најверојатно сакајќи да не откачат, ни даваат само лажна надеж – чекајте денес, чекајте утре, чекајте оваа недела. И ние така си чекаме секој месец. Но се запрашале ли одговорните за оваа исплата дали нашите бебиња може да чекаат? Некои од нас живееме и зависиме само од овие пари. А и да не зависиме тоа е наше законско право. Зборуваат за зголемување на наталитетот, а како ние родителите би се одлучиле на тоа кога од државата немаме никаква помош. Брука и срамота. Дали може некој да даде одговор по кој принцип и кој одлучува како ќе оди исплатата. По групите на Фејсбук едни мајки кажуваат дека земале на 20 април 2025 година. Што сме ние помалку од тие мајки? По кој принцип се прави ова? Кој одлучува кој кога ќе добие? Породилното не е ничија добра волја, туку наше законско право. Недозволиво е секој месец да живееме во неизвесност и да се прашуваме дали и кога ќе ни легнат парите, вели една мајка во допис до „Слободен печат“.
Од Фондот за здравство пак, се категорични дека исплатите се одвиваат тековно и се прават големи напори да нема застој. Само во текот на април, Фондот реализирал исплати во вкупен износ од над 511 милиони денари по овој основ, велат оттаму.
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија континуирано и без прекин врши обработка, одобрување и исплата на надоместоците по основ на привремена спреченост за работа, вклучително и надоместоците за породилно отсуство. Исплатата на овие средства се реализира врз основа на комплетна и уредна документација доставена од работодавачите, при што секој предмет поединечно се обработува согласно законските процедури. Во таа насока, динамиката на исплата може да варира во зависност од времето на доставување и комплетирање на документацијата, како и од обемот на предмети во тековна обработка. Сакаме да потенцираме дека исплатите се одвиваат тековно, а Фондот вложува максимални напори сите барања кои ги исполнуваат условите да бидат реализирани во најкус можен рок. Само во текот на месец април, Фондот реализираше исплати во вкупен износ од над 511 милиони денари по овој основ, што ја потврдува континуираната и стабилна динамика на сервисирање на обврските кон осигурениците. Фондот останува целосно посветен на унапредување на ефикасноста на постапките и навремено сервисирање на правата на осигурениците, како и на понатамошна дигитализација на процесите со цел намалување на административните доцнења, ни одговорија од ФЗОМ.


