Желино сепак ја урна Владата

Договорот за ново парламентарно мнозинство го потврдија претставници на сите партии за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва објави дека ја срушиле владата и формирале ново мнозинство од 61 пратеник.
Потпретседателот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, кого го контактиравме, за „Слободен печат“ потврди дека е направено ново парламентарно мнозинство, но не сакаше да открие повеќе детали, најавувајќи обраќање на неговата партија во текот на наредните денови. Претходно и генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, потврди за „Слободен печат“ дека Беса практично ја урна владата.
Хоџа вчера изјави дека „Желино може да ја урне Владата“, алудирајќи на одлуката на нивниот досегашен коалициски партнер ДУИ, да поднесе приговори на гласањето на изборите за градоначалник во Желино, каде со многу мала разлика победи кандидатот на Беса.
И претседателот на Левица Димитар Апасиев и генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вечерва во изјава за ТВ Клан потврдија дека има ново парламентарно мнозинство.
Апасиев и Таравари во изјава при излегување од парламентот рекоа дека има ново парламентарно мнозинство.
– Да, има ново мнозинство. Тоа е официјално. Имаме 61, со тенденција до 64, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.
– Ново мнозинство, 61, рече Таравари исто така на новинарско прашање.
Африм Гаши од Алтернатива во изјава за медиумите потврди дека засега е постигната согласност за изгласување недоверба на Владата.