Зеленски го посети поплавениот регион Херсон, побара меѓународна помош за настраданите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека го посетил регионот Херсон, каде илјадници луѓе се справуваат со последиците од поплавите по уништувањето на браната Каховка.
Зеленски на Телеграм сподели видео од негова средба со официјални лица и рече дека разговарале за евакуација, обновување на екосистемот во регионот и воената ситуација во областа. Тоа уследи по неговото ноќно обраќање во средата, во кое тој повика на „јасен и брз одговор од светот“.
Тој рече дека се потребни „напори од големи размери“, вклучително и помош од групи како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст претходно во средата соопшти дека тесно се координира со украинскиот Црвен крст за поддршка на хуманитарниот одговор на уништувањето на браната.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг „ветува дека механизмите на НАТО ќе се користат за давање хуманитарна помош. Кулеба и Столтенберг најавија дека во четврток ќе водат состанок со сојузниците во НАТО на кој ќе разговараат за ситуацијата.
Гувернерот на регионот Херсон во четвртокот изјави дека околу 600 квадратни километри се под вода.
Гувернерот Олександр Прокудин изјави дека околу две третини од поплавеното земјиште се наоѓа на страната на реката Днепро окупирана од Русија, додека една третина е на страната што се уште е под контрола на Украина.
Прокудин рече дека напорите за евакуација на луѓето од поплавените подрачја се во тек.
Хидроелектричната брана се урна во вторникот, при што Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за уништувањето.