Здравствениот систем во Бразил пред колапс: За еден ден починаа скоро 2.000 луѓе
Здравствените системи во најголемите градови во Бразил се пред колапс поради зголемувањето на случаите со коронавирус, предупредува извештајот на институтот „Фиокруз” во земјата.
Институтот со седиште во Рио де Женеиро соопшти дека повеќе од 80 проценти од креветите на интензивните одделенија се зафатени во главните градови на 25 од 27 бразилски држави.
Вчера земјата регистрираше 1.772 смртни случаи, што е најголем број на смртни случаи за еден ден од почетокот на пандемијата, објави Министерството за здравство на таа земја.
Од почетокот на пандемијата, Бразил регистрира повеќе од 266.000 смртни случаи и 11 милиони заразени.
– Борбата против ковид-19 беше изгубена во 2020 година и нема ниту најмала шанса да се сврти оваа трагична околност во првата половина на 2021 година, рече епидемиологот на „Фиокруз”, Џесем Орелана.
„Најдоброто што можеме да сториме е да се надеваме на чудото од масовна вакцинација или радикална промена во управувањето со пандемијата”, додаде тој.
Од последното намалување, според Ројтерс, бројот на заразени е зголемен за 70.764.