Здравје во чаша: Квасот од цвекло е супер пијалак

Unsplash
Фото: Unsplash

Цвеклото е зеленчук што треба да го консумирате редовно, бидејќи списокот од позитивни влијанија на организмот од него е огромен, без разлика дали се јаде како салата, печено или се пие како свежо цеден сок.

Веќе сте запознаени дека редовното консумирање цвекло има позитивно влијание врз целиот организам. Но, дали знаете дека ферментираниот квас од цвекло го нормализира притисокот без разлика дали е висок или низок.

Овој пијалак е алтернативен и ефективен начин за консумирање вредни хранливи состојки, но за разлика од цвеклото во свежа состојба, содржи помалку шеќери.

Ферментираните производи содржат пробиотици што помагаат во вкупната здравствена состојба, а во исто време кога се подготвуваат не се губат највредните хранливи состојки од свежите производи, за разлика при термичка обработка.

За да знаете дека вашето семејство редовно внесува здрава храна во која секако спаѓа цвеклото, ви предлагаме да го пробате овој едноставен рецепт за пијалак. Со оглед дека цвеклото во овој период го има во изобилие, штета е да не пробате.

Зошто е корисен квасот?

Цвеклото со години се користи во медицински цели, пред сè при лоша функција на црниот дроб, бидејќи го помага процесот на нејзина детоксикација. Богато е со влакна, има благотворно влијание на функцијата на цревата, се користи при лекување на запек. Пиењето квас од цвекло, на организмот му помага при зајакнување на имунитетот, го подобрува протокот на крвта и го регулира крвниот притисок, делува антиканцерогено, врши детоксикација на крвта и телото, помага во лекување на камен на бубрег, го подобрува метаболизмот, при проблеми со алергија, го забавува процесот на стареење итн. поради сето ова едноставно морате да го пробате квасот од цвекло.

Како се подготвува?

Состојките што ви се потребни за овој пијалак се еден килограм цвекло, 2 литра филтрирана минерална вода, 150 мл сурутка од кисело млеко, 2-3 лажици хималајска (или крупна морска) сол, 2 лажици рендан свеж ѓумбир, 2-3 крупни чешниња лук. Сурутката ако не можете да ја купите готова, лесно се прави. Една тегла домашно кисело млеко ставете во цедилка или во газа над еден сад, да стои преку ноќ. Течноста што ќе се исцеди, соберете ја, а киселото млеко искористете го за друго јадење.

Цвеклото измијте го од него да паднат остатоците од земја, излупете го, па повторно измијте го. Обратете внимание на водата. Ако користите од чешма, треба да биде зовриена и изладена, па потоа да се додаде во цвеклото. Затоа најдобро е да користите купечка филтрирана вода. Може и минерална (не газирана). Во голема тегла од 3 литри, ставете го цвеклото сечкано на крупни парчиња, додека се наполни 1/3, па додајте сурутка, вода и сол. Оставете малку простор до врвот на теглата, околу два прста и протресете ја теглата да се раствори солта. На крај додајте го ѓумбирот и целите лупени чешниња лук кои само малку ќе ги засечете на врвот.

Како се чува пијалакот?

Теглата чувајте ја на собна температура и секој ден отворајте го капакот за да излезат гасовите што се создаваат при ферментација. Наместо капак, можете да користите газа, која ќе ја зацврстите со ластиче. Секој ден треба да ја протресете теглата и да ја измешате течноста со дрвена лажица. Процесот на ферментација е од 8 до 14 дена во зависност од температурата во просторијата. Можно е да се појави мувла на садот, тогаш едноставно отворете го и отстранете ја со дрвена лажица (при редовно отворање не треба да се појави).

Можете да го пробувате вкусот на квасот секој ден, за да проверите дали ферментира цвеклото. По сопствена проценка можете да додадете уште сол. Појавата на меурчиња е знак дека квасот е готов и тогаш можете да го исцедите, а течноста да ја соберете во шишиња во кои ќе ја чувате во фрижидер.

Готовиот пијалак можете да го вклучите во вашиот секојдневен режим на исхрана. Парчињата цвекло може да ги додадете во некоја салата или јадење. Ако сакате само пијалак, тогаш повторете ја постапката со ферментација и уште еднаш искористете го истото цвекло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот