Загрижувачко предупредување од Германија: Не е крај на епидемијата, ни се заканува втор бран

Еден од водечките експерти од институтот Роберт Кох вели дека бројот на заразени лица можно е повторно да почне да расте.

Заменик шефот на германскиот институт за заразни болести Роберт Кох, Ларс Шаде, предупредува дека ситуацијата во врска со коронавирусот, и покрај големите постигнувања изминатите недели, и понатаму останува сериозна.

– Се уште не се гледа крајот на епидемијата. Бројот на заразени лица може повторно да почне да расте, вели Шаде на конференција за медиуми.

Тој истакнува дека секој поединец мора да даде свој придонес бројот на инфекции да се намали што е можно повеќе и тоа пред се поради солидарност за медицинските лица и критичните групи.

Експертот пренесува дека вчера бројот на репродукција на вирусот изнесувал 0,9 и дека постојат големи регионални разлики.

Шаде смета дека постои голема опасност од втор бран на инфекција доколку земјите брзо ги олабават мерките за спречување на пандемијата. Слично предупредување упатија и вирологот од медицинскиот факултет „Ицахн“ во Њујорк, Флоријан Крамер, кој моментно со својот тим ја истражува можноста за лекување од коронавирусот и кинескиот експерт за лекување на Ковид-19, Џан Венгхун.

Шефот на германскиот институт за заразни болести укажува дека ќе бидат потребни многу месеци за потполно враќање во нормалата.

Изјави и дека најпогодените лица во Германија се на возраст од 50 години, и дека вирусот подеднакво ги погодува и жените и мажите.

Германскиот експерт истакнува и дека претходната недела бил забележан најголем број смртни случаи, и додава дека и понатаму пристигнуваат извештаин за ширење на инфекцијата во домовите за стари лица и болниците.

– Стапката на смртност во последниот период континуирано растеше, а тоа пред се е поради влез на вирусот во старечките домови. Гледаме голем број заболени стари лица. Дури 60 отсто од починатите биле постари од 70 години. Мораме, за жал, да очекуваме и понатаму смртни случаи, додава тој.

Шаде се изјасни и на темата околу носењето заштитни маски, нагласувајќи дека лицата кои имаат акутни симптоми како проблеми со дишење треба да останат дома, и дека и понатаму е многу важно држењето растојание.

– Препорачуваме, кога лицето се наоѓа во јавност или кога не може да се одржи потребно растојание од најмалку 1.5 метар, носење заштитна маска, додавајќи дека класичните маски за заштита на носот и устата не се безбедна заштита,, но и дека медицинските маски им се неопходни на медицинските лица.

Кога станува збор за обдукција на пациенти заразени со ковид инфекција, вели дека постои ризик да се заразат медицински лица, но и дека е многу важно тиа да се спроведуваат со цел да се здобијат што е можно повеќе сознанија за оваа болест.

Експертот додава и дека во меѓувреме било откриено дека вирусот погодува многу повеќе органи отколку што претходно се мислело.

ПРОЧИТАЈТЕ:

Научници влегоа во трага на коронавирусот: Не потекнува од Вухан, ниту од лабораторијата

Исповед на докторката од Вухан која го откри коронавирусот: Се започна откако 
во болницата дојде едно семејство (ВИДЕО)

Нова научна студија покажува кои органи ги напаѓа коронавирусот

Лабораториска грешка или контроверзна прехрамбена навика? Што се крие 
зад теоријата на Трамп околу вмешаноста на Кина и коронавирусот?

Научникот кој работи на вакцина за коронавирус предупредува дека нè очекуваат 
нови бранови на пандемијата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот