„Гугл“ вештачка интелигенција - Фото: Wikimedia Commons

Заборавете на класичното пребарување на „Гугл“ — ВИ ќе ви резервира хотели и ќе ви ги планира патувањата

„Гугл“ воведува вештачка интелигенција што би можела значително да го промени начинот на кој корисниците резервираат хотели и ги планираат своите патувања.

Според соопштението на Здружението на хотелско-угостителската индустрија ХОРЕС, компанијата ги проширува своите функционалности со нови алатки за персонализирано планирање патувања, локално пребарување со вештачка интелигенција и следење на цените на хотелите преку сервисите за пребарување и патувања.

Новата опција ќе им овозможи на корисниците да ги следат промените на цените на хотелското сместување и да добиваат известувања кога цените за избрани дестинации и термини ќе се намалат. Воедно, алатките базирани на вештачка интелигенција дополнително ќе го унапредат пребарувањето на хотели, ресторани и туристички содржини преку персонализирани препораки и разговорно пребарување.

„За време на конференцијата за развивачи Гугл Ај/О (Google I/O), компанијата потврди дека хотелите ќе станат дел од нејзиниот систем Универзален трговски протокол – инфраструктура што ќе им овозможи на агенти со вештачка интелигенција да извршуваат купувања директно преку пребарување и разговорни интерфејси“, соопшти ХОРЕС.

Дополнително, компанијата претставила и систем за плаќање што би им овозможил на агентите со вештачка интелигенција самостојно да резервираат хотелско сместување, со што дополнително се приближува концептот на автоматизирани онлајн резервации.

Иако сè уште не е објавен точен рок за имплементација на новите функции, јасно е дека „Гугл“ сè повеќе ја трансформира туристичката претрага од класичен пребарувач во интерактивен асистент за планирање патувања и носење одлуки за резервации.

Од ХОРЕС оценуваат дека овие промени ќе имаат големо значење за хотелската и туристичката индустрија, бидејќи дигиталната видливост, локалната оптимизација за пребарувачи и квалитетното присуство во екосистемот на „Гугл“ ќе стануваат сè поважни за привлекување директни резервации и посетеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот