Фото: Мета.мк

За време на локалните избори, на социјалните мрежи најактивни биле лидерите на големите партии

За време на ланските локални избори, најголем дел од промотивните содржини не се идентификувани кај страниците на општините, туку кај фејсбук-страницата на премиерот Христијан Мицкоски и на поранешниот вицепремиер Изет Меџити. Регистрирани се вкупно 201 објава од премирот, сите со промотивна содржина за кандидатите на неговата политичка партија, слично како и кај вицепремиерот, кај кого се детектирани 173 објави од кои речиси сите се промотивни.

Ова се дел од заклучоците на анализата насловена „Институционална и општинска комуникација на Фејсбук и официјалните страници за време на изборната кампања за локалните избори 2025 година во Северна Македонија“, промовирана од Фондацијата Метаморфозис.

Како што пренесува агенцијата Мета, анализата укажува на системски тренд на политизирана институционална комуникација за време на предизборната кампања и доминација на промотивни содржини. 

Целта на документот била да се види колку се неутрални државните институции на Фејсбук, нивниот начин на комуникација, како и да се спореди со комуникцијата на официјалните веб-страници и тоа што го објавуваат.

„Мониторингот го правевме 20 дена, пред првиот круг на локалните избори, а опфативме 26 општини и 10 институции, односно нивните фејсбук-страници и веб-сајтови. Имавме 36 страници кои ги мониториравме и најголем дел од нив беа активни. Избројавме 45 постови на ден кои тие ги објавуваа. Во однос на природата на постовите, резултатите покажаа дека 60 отсто се промотивни, тоа значи дека промовирале одреден кандидат во изборите. Неутрални биле 40 отсто, односно содржеле сервисни информации наменети за граѓаните. Експлицитна злоупотреба имаше само во еден случај, а промотивните постови беа доминантни“, посочи Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис.

Во анализата имаат наведено десетина препораки, меѓу кои да се почитува експлицитно Изборниот законик, да не се користат државни пари за промоција на кандидати, но и да се усогласи легислативата со меѓународните стандарди.

Метаморфозис правеле и втора анализа. Таа била за спонзорираното политичко рекламирање на Фејсбук и Инстаграм за време на изборите. Во овој случај се мониторирани страниците на 52 кандидати, од истите 26 општини, при што е утврдено дека половината од нив (54 отсто) активно користеле платено рекламирање на Мета платформите.

Фејсбук/Инстаграм/ Фото: EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT

Регистрирани се 812 активни реклами со вкупна вредност од 23.308 евра. Најголемиот дел од рекламите (92,6 отсто) биле финансирани директно од самите кандидати, додека околу 7,4 отсто биле финансирани од политички партии или коалиции“. Но, дополнителната анализа на целокупното политичко рекламирање во државата покажува многу поголем обем на средства. Најголемите 50 огласувачи во предизборието потрошиле 153.342 евра во истиот период.

Како што посочи Зоран Ричлиев од Метаморфозис, евидентно е дека оваа кампања ја воделе лидерите на партиите. Во таа статистика, нагласи тој, има концентрација на национално ниво и на лидерот на партијата.

„Најмногу за овие избори на социјалните мрежи потрошила Левица 12.170 евра, па Христијан Мицковски 11.298 и Венко Филипче 10.178. Од кандидатите најмногу Орце Георгиевски има 10.000 евра на Фејсбук. Имаме невообичаени резултати, односно, дискрепанца по однос на возраста. Главниот таргет се вработените луѓе од 25 до 54 години. Партиите трошеле точно на тие луѓе. 30 отсто од парите се вложени за да се таргетираат повозрасните. Само 7 отсто од младината под 24 години е таргетирана во платеното политичко рекламирање на Фејсбук и на Инстаграм. Можеби таа генерација се оддалечува од овие две платформи и оди на ТикТок. Тоа кажува дека политичките актери се фокусираат конкретно на овие избори и не вложуваат во иднината на комуникацијата со младите“, посочи Ричлиев.

Меѓу препораките е онаа која се однесува на Изборниот законик, кој, како што рече Ричлиев, мора постепено да ги внесува и правилата на игра на социјалните мрежи. Освен тоа, се препорачува да се овозможи увид на ДИК и на Антикорупциска во реално време, во трошењето на парите, бидејќи, според претставникот на Метаморфозис, ако штетата се направи, по изборите веќе е доцна за реакција.

„Треба да постојат алатки за мониторирање на тоа, кој финансира, во реално време“, додаде тој.

Анализите беа промовирани на конференцијата „Заштита на демократијата и изборниот интегритет – следење на злоупотребата на административните ресурси, политичкото рекламирање и кампањите од трети страни“ во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот