Фото: Kati Molin / Alamy / Profimedia

За сладок почеток на денот — рецепт за домашен пудинг од темно чоколадо

Споделуваме фантастичен рецепт за вистински, густ домашен пудинг од темно чоколадо со интензивен вкус и свиленкаста текстура. Пудингот се подготвува и со чоколадо и со какао, па вкусот е навистина богат и чоколаден, а готов е за само 25 минути. Ако не ви е пресудно да биде ладен, можете да уживате во него и веднаш, иако според правилата, најдобро е да се излади. Затоа, оставете го во фрижидер најмалку еден час, пишува „Пун куфер“.

Овој пудинг многу лесно се подготвува, дури и ако не сте особено вешти со кремови и десерти. Речиси и нема што да тргне наопаку, но најважно е да не го прескокнете петтиот чекор — постепеното соединување на јајцата со топлиот пудинг, за да не добиете нешто налик на кајгана со чоколадо.

Изберете квалитетно полуслатко или горчливо чоколадо со удел на какао од 55 до 75 проценти. Ако не ја сакате „коричката“ што се создава на пудингот, покријте го со проѕирна кујнска фолија додека се лади и нежно притиснете ја до самата површина.

Потребни состојки

  • 530 мл млеко, поделено
  • 100 г шеќер, поделен
  • прстофат сол
  • 2 лажици пченкарен скроб
  • 3 лажици незасладено какао во прав
  • 1 големо јајце
  • 2 жолчки
  • 150 г полуслатко или горчливо чоколадо, ситно исечкано
  • 2 лажици путер, исечкан на коцки
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • шлаг, за сервирање

Подготовка

Во средно големо тенџере измешајте го поголемиот дел од млекото (480 мл) со половина од шеќерот и прстофат сол. Мешајте постојано и оставете да зоврие, па тргнете од оган.

Во сад со жица изматете ги пченкарниот скроб, какаото и преостанатиот шеќер. Додадете го остатокот од млекото и мешајте додека не добиете мазна смеса.

Добиената смеса додадете ја во врелото млеко во тенџерето, повторно вратете на оган и со постојано мешање оставете да зоврие.

Намалете ја температурата и варете околу две минути со непрекинато мешање, додека пудингот не стане доволно густ за да останува на задната страна од лажицата.

Во друг сад изматете го целото јајце и жолчките. Постепено додавајте околу една шолја од врелиот пудинг во јајцата, а потоа целата смеса вратете ја назад во тенџерето.

Гответе на умерена температура со постојано мешање додека повторно не зоврие, околу две минути.

Процедете го пудингот во сад отпорен на топлина.

Додадете ги ситно исечканото чоколадо, путерот и ванилата, па мешајте додека чоколадото и путерот целосно не се растопат и смесата не стане мазна и кремаста.

Пудингот распределете го во чаши или садови за сервирање и оставете го во фрижидер да се излади. Послужете со шлаг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот