„За плата се бориме, не се молиме“ – ССМ повика на протест за 1 Мај
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на нов протест на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, кој ќе започне од 11 часот Работничкиот дом во Скопје, овој пат под мотото „За плата се бориме, не се молиме“.
Препорачано
„Работничката борба не е само еден протест, еден штрајк, една блокада, тоа е континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на работничките права. 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина. Сојузот на синдикатите на Македонија од 2018 година, секоја година организира масовен работнички протест на 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот“, соопштија од ССМ.
Оттаму повикуваат на солидарност и од работниците за кои, како што велат, синдикатите веќе се изборија за покачување на нивните работнички плати.
„Работничката солидарност не смее да има граници, денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас. Затоа, на 1 Мај да бидеме солидарни, гласни, обединети и одлучни! Повикуваме на протест, повикуваме да застанме рамо до рамо со своите колешки и колеги и покажеме дека работничкиот глас не може да се игнорира. Работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати! Македонија за повисоки плати! За плата се бориме – не се молиме!“, се вели во повикот за традиционалниот протест.
На протестот на ССМ досега се приклучија 20-ина синдикати, меѓу кои и Синдикат на УПОЗ, Синдикат за градежништво – СГИП, Независен синдикат за образование и наука, Синдикат на културата на Република Македонија, Синдикат на работниците од трговијата – СРТ, Синдикат на медиумски информативни агенции – СМИА, Македонски полициски синдикат, СИЕР Македонија, Агро-синдикат, Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Синдикат на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ), Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ), Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ), Суткоз, Синдикат на работниците од сообраќај и врски на РМ (СРСВМ), Синдикат на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија (СПТРМ), Синдикат на финансиските дејности на Македонија (СФДМ), Синдикат за слободно дејствување на Македонија (ССДМ) и Синдикат на поштенски и телекомуникациски оператори на Македонија (СПТОМ).


