ЗА 30-50 ИЛЈАДИ ЕВРА: Македонките бараат сурогат мајки во УКРАИНА

Пред пет години во земјава беше донесен Закон за сурогат мајчинство, но досега се родени само три бебиња, две се на пат, а за едно се уште тече медицинската постапка. Паровите кои имаат потреба од гестациски носител, како што во Законот се нарекува сурогат мајката, во земјава не може да ја најдат, бидејќи многу жени не прифаќаат да носат бебе за некој друг, па затоа, сонот да станат родители, си го остваруваат во Украина. Добивањето на бебе таму чини меѓу 30.000 и 50.000 евра, пари со кои се покриваат сите трошоци меѓу кои и надоместокот за сурогат мајката.

Како што раскажуваат наши сограѓанки кои биле дел од процесот или сега ги испитуваат можностите во Украина, целата постапка се води преку агенции. На тој начин се наоѓа сурогат мајката, се организира ин-витро, се е покриено со договори и е легално. Целата бременост како и породувањето се случува таму, а бебето се носи во земјава со извод како нашата државјанка да го родила таму.

Нашата соговроничка, која после неколку неуспешни ин-витра ја испитува можноста за сурогат мајка во Украина, вели дека е во контакт со четири жени кај нас кои на овој начин успеале да станат мајки.

Од Министерството за здравство признаваат дека има многу заинтересирани парови кои бараат сурогат мајка, но нема заинтересирани жени.

– Иако со Законот за сурогат мајчинство кај нас е предвидено да се направи Регистар на гестациски носители, сепак поради тоа што никој не се пријавува, заинтересираниот пар мора сам да најде сурогат мајка најчесто меѓу роднините и пријателите. Нема интерес кај жените да бидат гестациски носители  затоа што тоа е табу и постојат стериотипи – вели Тања Васиќ од Министерството за здравсто.

Предрасудите се толку големи што во некои случаи кога мајката носи бебе за ќерката и кога бременоста ќе почне да се познава се селат од градот или населбата во која живеат и одат под кирија додека да се роди детето.

Во ресорното министерство имаат сознанија дека нашите сограѓани во Украина наоѓаат сугорат мајки, но велат дека немаат повеќе детали за целиот процес.

– Во Украина сурогат мајчинството е комерцијално, кај нас е алтруистичко. Планираме да направиме кампања со која ќе ги објасниме придобивките од оваа можност за луѓето да сфатат колку е човечно да донесеш на свет бебе за некој друг, го правиш среќен тој другиот, но и ти си среќен. Да може да ја видите среќата на една мајка која доби близнаци кои ги носеше нејзина пријателка. Пресреќна беше и пријателката која самата е мајка на три деца, дури рече дека би го сторила тоа пак – вели Васиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот