Women’s Tech Day овој петок во Скопје: Жените не се „послабиот“ род и можат да постигнат сè што ќе посакаат
На 6 март во Netaville ќе се одржи настанот Women’s Tech Day по повод Меѓународниот ден на жената, насочен кон охрабрување и зајакнување на жените и девојките да градат кариера во технологијата, со посебен фокус на можностите во Web2 и Web3.
Препорачано
Целта е да се инспирираат девојките и жените да не се плашат да навлегуваат во различни професии, и покрај тоа што општеството понекогаш знае да ги обесхрабри.
Пораката е дека жените не се „послабиот“ род и дека можат да постигнат сè што ќе посакаат, вели модераторката на настанот, Франка Граждани.
Настанот ќе опфати кратки воведни говори, фокусирана дискусија за предизвиците со кои се соочуваат жените во технолошкиот сектор, како и внимателно организирано вмрежување со цел создавање значајни контакти и можности за менторство.
Во амфитеатарот ќе се одржи едночасовна панел-дискусија, замислена како отворен разговор за искуствата и тешкотиите во кариерите. На панелот ќе учествуваат Нина Ангеловска (Ecommerce Macedonia / Forbes 30u30), Викторија Трајков (заменик-министер за европски прашања), Сашка Цветковска (новинарка, ИРЛ), Моника Р. Таневска (Women in Tech Macedonia) и Билјана Ристевска (MK SafeNet).

По панелот ќе следи дел за вмрежување. Настанот е во организација на Министерство за дигитална трансформација, Proximity и ETH Macedonia и ќе се одржи од 18:00 до 20:30 часот.


