Вујовиќ: Ова е сериозна шлаканица за нас, со ваков меч би загубиле и од РК Бутел

Трет пораз за Веселин Вујовиќ со Вардар во Лигата на шампионите оваа сезона/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вардар 1961 го претрпе првиот пораз сезонава во Лигата на шампионите, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ загуби од францускиот состав на Монпелје.

Тренерот на „црвено-црните“ Веселин Вујовиќ пред мечот изјави дека неговите играчи за првпат оваа сезона се фаворити, но ваквата улога не беше оправдана пред верните навивачи кои направија одлична атмосфера на трибините, но на крајот тоа не се круниса со триумф.

– Честитки за Монпелје на заслужената победа, во ниту еден момент не бевме блиску во натпреварот. Во ниту еден сегмент не му париравме добро на Монпелје. Вардар не личеше на оној тим од првите три кола. Жал ми е поради амбиентот, ние потфрливме, Монпелје е екипа која триумфираше над Кил, доаѓа од Франција и мора да се почитува која игра врвен ракомет. Со причина се плашев за овој меч, поголемиот дел од играчите, скоро цел тим потфрли, така што мора да се анализира во што беше проблемот, мораме да се дигнеме и нормално продолжуваме во ова елитно натпреварување, има уште многу да се игра – рече Вујовиќ на прес конференцијата по мечот.

Воедно Вујовиќ после новинарско прашање околу тоа дека бековите на Вардар потфрлија, со многу технички грешки, со нерезонски додавања, далеку од сликата што ја гледавме во изминатите мечеви, изјави дека е среќен што денеска неговата екипа не играше со Бутел, затоа што со ваков меч тимот би загубил и од Бутел.

– Ова што го направија нашите бекови, колку технички грешки, колку промашени удари, колку испуштени топки, не сакам да ја потценам екипата на Бутел, никако, но би загубиле од било која екипа во македонското првенство. Така што во првите неколку мечеви нашите играчи се опуштија, помислија дека сме многу силни, дека кој било да дојде во оваа сала, лесно ќе загуби, мислам дека ова е една сериозна шлаканица за нас, но мислам дека дојде во прав момент – додаде Вујовиќ.

Следниот меч во ЛШ македонскиот првак ќе го има на гостински терен на 20 октомври во Данска против Алборг.

Прв пораз на Вардар во ЛШ, Монпелје сурово ги казни грешките на „црвено-црните“

Ракометарот на Вардар 1961, Французинот Бакари Диало истакна дека тимот од почетокот не започна добро:

– Монпелје имаше подобар старт на средбата, но и дека во текот на целиот меч бил подобар. Вардар од ова ќе извлече поука, ќе играме подобро во наредните натпревари. Монпелје е екипа која мора да се почитува, тие се одлични и во минатото коло го победија Кил. Сезоната е долга и мораме подобро да се подготвиме за следните дуели, да работиме подобро и им се заблагодарувам на навивачите кои дојдоа денеска во салата – се зборовите на Диало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот