ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО: Жена десет дена живее во агонија – Со гангрена на ногата ја вратиле дома, нема операција без негативен ковид тест

Фото: Приватна архива

Десет дена, 79-годишна жена со гангрена на ногата преживува дома со исклучителни болки и „тромадол“ кој го зема на секои два часа, откако во Градската општа болница „8 Септември“ не сакале да ја оперираат бидејќи е позитивна на ковид-19. Како што за „Слободен печат“ сведочат членови на семејството кои ја однеле во Ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“, таа таму пред 10 дена чекала шест ипол часа, за на крајот да и биде кажано дека хирургот е презафатен со други случаи и дека нема да може да ја прегледа дента. Жената била упатена да отиде во приватна лабораторија да направи ПЦР-тест. Потоа, и рекле да се врати во болница на операција која би била направена без лекарски преглед. Тестот за ковид-19 жената го направила во саботата на 22 јануари и испаднал позитивен.

-Откако чекавме шест ипол часа во „8 Септември“, дојде сестрата и ни кажа дека лекарот е презафатен во втората хируршка сала и дека нема да може да ја прегледа свекрва ми. И направија крвна слика и оценија базирано на крвната слика дека е за операција, која ќе се изврши во недела на 23 јануари. Рекоа да направиме утредента (сабота 22 јануари) ПЦР тест, па ако е негативен, да се оперира во недела. Меѓутоа, во саботата тестот беше позитивен и одбија да ја оперираат, иако едниот прст и беше комплетно модар и скапан, а гангрената почна да се шири и на остатокот од стапалото. Ни рекоа да чекаме 10 дена да се негативизира, па после да ја носиме на операција. За овие 10 дена колку што чекаме, гангрената се има проширено, а свекрва ми е на секои два часа со терапија против болки за да може да издржи. Само плаче, болките се неиздржливи, а нема никакви симптоми на ковид, вели за „Слободен печат“ Данче Копчаревска, снаа на 79-годишната пациентка која боледува од дијабетес и е на инсулинска терапија.

Таа додава дека можеби ковидот нејзината свекрва го добила и во тие шест ипол часа колку што чекале да биде примена од хирургот во петокот на 21 јануари.

-Сега стравуваме дека можеби ќе треба наместо само прстот, да ја сечат половина нога поради тоа што гангрената е проширена. Ова не треба да и се прави на жена која цел живот плаќала здравствено осигурување. Со ковид позитивен тест се вршат пораѓања на  ГАК. А состојбата на свекрва ми е сериозна и болките се неиздржливи. Разбравме и дека нема доволно медицински персонал поради тоа што има голем број на заразени и меѓу лекарите. Но ние сме тие што ја плаќаме цената за лошиот и неорганизиран систем, додава Копчаревска.

Во ГОБ „8 Септември“ во петокот педесет членови на медицинскиот персонал беа во изолација поради ковид-19. Оваа ситуација се очекуваше да се подобри откако Комисијата за заразни болести ја намали изолацијата од 10 на 7 дена. Хирурзите кои неофицијално ги контактираше „Слободен печат“ велат дека ковид дијагнозата сама по себе, односно присуството на вирусот во организмот на пациентот не е протоколарно и основ за некому да не биде извршена хируршка интервенција, ако притоа се гледа дека состојбата се влошува.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот