Железничка несреќа во Србија: Воз излета од шините кај Суботица
Патничкиот воз „Интер Регио“, кој возел на релација Суботица – Белград, излета од шините по тргнувањето од железничката станица во Бачка Топола, во Србија., пренесе „Н1“.
Препорачано
Според возниот ред, возот тргнал во 9:19 часот, но не стигнал ни до првата станица. Нагло закочил на свртницата пред Ловќенац, на делницата меѓу Ловќенац и Мали Иѓош, и излетал од шините.
„Србијавоз“ на својата веб-страница објави дека во 9:27 часот дошло до привремен прекин на железничкиот сообраќај на станицата Ловќенац – Мали Иѓош.
„Возот што од Суботица за Белград Центар тргна во 9 часот, се откажува на делот од релацијата Ловќенац – Мали Иѓош – Белград Центар. Патниците од наведениот воз на станицата Ловќенац – Мали Иѓош ќе се префрлат во возот што од станицата Суботица тргна во 10 часот и ќе го продолжат патувањето до станицата Белград Центар. Истражната постапка е во тек“, се наведува во соопштението на „Србијавоз“.
Страшна несреќа во Србија – воз удрил во комбе, возачот загинал на самото место
Патниците биле евакуирани пеш по пругата до станицата Ловќенац, од каде што го продолжиле патувањето со возот „Соко“.
Патничката Тијана Јакишиќ од Бачка Топола изјави дека возот нагло закочил, се почувствувало тресење, по што им било соопштено дека излетал од шините и дека треба да останат на седиштата додека не пристигне сообраќајната полиција.
Претседателот на пратеничката група на Партијата на слободата и правдата во Собранието на АП Војводина, Роберт Шебек, изјави дека новиот инцидент кај Ловќенац е дефинитивен доказ дека безбедноста на граѓаните е жртвувана поради корупција и нестручност.
„Само три дена по излетувањето на возот на релација Суботица – Сегедин и по моето предупредување, повторно сме сведоци на загрозување на животите на делница што е платена со милијарди народни пари. Наместо ветеното ‘модерно и безбедно’ патување, граѓаните добија пруга што стана зона на висок ризик уште пред практично да почне целосно да функционира“, наведе Шебек во писмена изјава.
Тој ги праша министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура Александра Софронијевиќ и надлежните во „Инфраструктура железнице“ уште колку излетувања од шините треба да се случат за некој да поднесе оставка или кривично да одговара.


