Ирина Трајкоска Стрезоски - Фото? Академија за судии и јавни обвинители

„Војна“ со пријави за судија во Стразбур – сомнеж и за директорката на Академијата за судии и обвинители

Сметам дека нема судир на интереси со заменикот директор на Академијата. Toj беше пријавен и на претходниот оглас, па во таа постапка воопшто не стана збор за некаков судир на интереси, а околностите не се променети. Јас како член на Комисијата ниту како директор на Академијата немам никаков приватен интерес што може да влијае врз моето непристрасно и објективно постапување и одлучување во постапката – вели Трајкоска-Стрезоски за „Слободен печат“.

Нова пријава за судир на интереси е испратена до Државната комисија за спречување на корупцијата, но сега за директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска-Стрезоски, која како член на Комисијата за избор на кандидати на Македонија за судија во Стразбур одлучувала нејзиниот заменик во Академијата, судијата Илир Исени, да влезе во првичната селекција на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права.

– Пријавената Ирина Трајкоска-Стрезоски противправно го прикрила фактот дека еден од пријавените кандидати за избор на судија на Република Северна Македонија во судот во Стразбур, судијата Илир Исени, е актуелен заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ каде што пријавената ја врши функцијата директор, односно во нејзино отсуство како директор ја заменува судијата Илир Исени, кој врши работи од надлежност на директорката Ирина Трајкоска Стрезоски што таа ќе му ги довери, а припаѓаат во делокруг на работни задачи на директорот. Со несовесно постапување при вршење на дискреционото овластување и прикривање на наведените факти и без да се изземе од процесот на селекција на кандидати меѓу кои е нејзиниот заменик судија Илир Исени, пријавената се довела во состојба на очигледен судир на интереси, предизвикала штета што се состои од тоа што овозможила привилегирано учество на кандидатот судија Илир Исени во однос на другите кандидати што биле повикани на интервју, како и предизвикала штета врз угледот на Република Северна Македонија пред домашната јавност и меѓународните претставници – акредитирани амбасадори и дипломатски претставници, нарушувајќи ги начелата на објективност, транспарентност и фер услови на спроведената постапка на селекција на кандидати – се вели во пријавата.

Судии, обвинители и адвокати, но и деканот на Правен факултет меѓу кандидатите на новиот оглас за судија во Стразбур

Сепак, директорката за „Слободен печат“ вели дека не гледа никаков судир на интереси за Исени, а меѓу избраните кандидати е и судијата на Апелациониот суд Гостивар Али Алиу, кој е член на Управниот одбор на Академијата.

– Сметам дека нема судир на интереси со заменикот директор на Академијата. Тој беше пријавен и на претходниот оглас, па во таа постапка воопшто не стана збор за некаков судир на интереси, а околностите не се променети. Јас како член на Комисијата ниту како директор на Академијата немам никаков приватен интерес што може да влијае врз моето непристрасно и објективно постапување и одлучување во постапката – вели Трајкоска-Стрезоски за „Слободен печат“.

Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур

Всушност, директорката Трајкоска-Стрезоски е единствениот член на Комисијата која беше дел и од првичната Комисија чиј избор на кандидати Владата го поништи, а беше избрана од институциите, за потоа самата влада да именува членови на Комисијата.

Оваа пријава следува откако до ДКСК стигнаа не една, туку три пријави за судир на интереси со исти наводи за Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд кој претседава и со Комисијата за селекција на кандидати за судија во Стразбур и неговиот академски ментор и декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски. Едната пријава била од анонимен испраќач, додека другите две пријави се потпишани со име и презиме.

– Ве известуваме дека до Државната комисија за спречување на корупцијата се доставени три пријави со исти наводи, кои се споени во еден предмет, за кој ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК – велат од Антикорупциската комисија за „Слободен печат“, но не откриваат дали пријавите се за истите лица и за друг судир на интереси.

Повторениот оглас за кандидат на судија во Стразбур од почеток го следат пријави и сомнежи за пристрасност откако до ДКСК, но и до медиумите стигна една пријава за Костадиновски и Георгиевски, во која се спори тоа што претседателот не се изземал од одлучувањето на првата селекција за кандидати иако деканот на Георгиевски му бил ментор и за магистерскиот труд на Костадиновски и за неговата докторска дисертација.

Георгиевски и другите 10 кандидати – судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова, како и заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Илир Исени минатата недела беа на интервју во Уставниот суд.

Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур

Претседателот на Комисијата по интервјуата соопшти дека ќе ја чека одлуката на Антикорупциската комисија, па ќе се одлучува кои ќе бидат тројцата кандидати што ќе се испратат во Советот на Европа. Костадиновски предложил да биде изземен но членовите на Комисијата не прифатиле.

– Комисијата едногласно одлучи да се спроведат закажаните интервјуа во текот на денешниот ден, а резултатите од нив ќе се достават до Експертскиот панел на Советот на Европа откако ДКСК ќе одлучи по приговорите. На интервјуата, со цел зголемување на транспарентноста и непристрасноста во постапката беа поканети и присуствуваа Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ и Бојана Божиновска-Силјановска од Македонско здружение на млади правници. Комисијата ги разгледа и пристигнатите приговори на кои ќе биде одговорено соодветно – соопштија оттаму.

Првата предлог-листа што ја состави првата комисија на која беа обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, Владата ја поништи без образложение кои точно критериуми не ги исполниле кандидатите, а потоа премиерот, но и владејачката ВМРО-ДПМНЕ отворено почнаа со критики и обвинувања кон Ристоска, која најави дури и тужба за клевета против партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот