Антикорупционерите ќе се „судрат“ со евентуалниот судир на интереси за судија во Стразбур

Прво ДКСК ќе ја проверува „врската“ меѓу претседателот на Комисијата за избор на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права Дарко Костадиновски и неговиот академски ментор од Правниот факултет Сашо Георгиевски, а потоа ќе се избираат тројца кандидати од 11-те пријавени. Имало предлог за негово изземње но Комисијата не го прифатила

Ќе се чека одлуката на Антикорупциската комисија, која треба да пресече дали има судир на интереси и пристрасност меѓу претседателот на Комисијата за избор на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и претседател на Уставниот суд Дарко Костадиновски и неговиот академски ментор, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски, за да може да продолжи повторената постапка за избор на судија во Стразбур, која веќе доцни откако Владата ја поништи првата листа.

Комисијата денеска се состана и го повтори тоа што го кажа Костадиновски минатата недела за „Слободен печат“ дека ќе се чека одлуката на ДКСК за потенцијален судир на интереси, па ќе се избираат тројцата кандидати кои ќе треба да одат на проверка во Стразбур. Имало и предлог за изземање на Костадиновски, но не бил прифатен од членовите на Комисијата.

-Претседателот на Комисијата, Дарко Костадиновски ги извести членовите за двете претставки упатени до ДКСК за потенцијален судир на интереси помеѓу претседателот на Комисијата и еден од кандидатите од селектираната листа за интервјуа, за којашто дознал од медиумите, како и за двете претставки упатени до Комисијата. По образложување на аргументите и фактите во смисла дека во конкретниот случај не може да стане збор ниту за пристрасност ниту за потенцијален судир на интереси, предлогот за изземање на претседателот Костадиновски не беше прифатен од членовите на Комисијата. Комисијата едногласно одлучи да се спроведат закажаните интервјуа во текот на денешниот ден, а резултатите од истите ќе се достават до Експертскиот панел на Советот на Европа, откако ДКСК ќе одлучи по приговорите. На интервјуата, со цел зголемување на транспарентноста и непристрасноста во постапката беа поканети и присуствуваа Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење” и Бојана Божиновска-Силјановска од Македонско здружение на млади правници. Комисијата ги разгледа и пристигнатите приговори на кои ќе биде одговорено соодветно – соопшти Комисијата.

Од одговорот на Комисијата може да се сфати дека освен едната пријава што беше објавена во медиумите имало уште една пријава до ДКСК, а претставки имало поднесено и до самата Комисија за селекција. Според нашите информации, претставки до Комисијата поднеле судијата Андреј Димовски и адвокатот Валентин Пепељуговски кои „извисија“ уште во првата селекција.

Комисија за избор на кандидат за судија во Стразбур

Од ДКСК за „Слободен печат“ велат дека предметот е оформен и за него ќе се одлучува на првата наредна седница.

– Доставено е барање до претседателот на Комисијата за избор на кандидати на РСМ за судија во ЕСЧП за прибирање информации, за чие доставување законскиот рок е 15 дена. По добивање на информациите, предметот ќе биде разгледан, по што на првата наредна седница ќе биде донесена одлука што ќе биде јавно објавена – велат од ДКСК.

Георгиевски и другите 10 кандидати – судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова, како и заменик-директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Илир Исени денеска се на интервју во Уставниот суд.

Илиевски: Судирот на интереси е и морално прашање

 

Претставката што беше испратена до медиумите беше анонимна, но по објавата на „Слободен печат“, реагираше пензионираниот виш просветен инспектор, Ѓорги Илиевски кој очекува Антикорупциска да спроведе темелна постапка, без политички или институционален притисок, според кој судирот на интереси не е само правно, туку и морално прашање.

-Кога личните и академските врски стануваат основа за институционални одлуки, кога јавните функции се користат за лични или групни интереси, и кога универзитетот и судството стануваат „семејни“ и „пријателски“ зони на влијание, тоа е опасен процес кој ја подрива идејата на меритократија и го гаси кредибилитетот на државните институции – пишува Илиевски.

Минатата недела Комисијата ја направи првата селекција, па од 20-те пријавени кандидати избра единаесет, а меѓу нив и Георгиевски. Веднаш по првата селекција стигна пријавата до ДКСК во која се открива дека деканот му бил ментор на Костадиновски и за неговиот магистерски труд, но и за докторската дисертација од областа на меѓународното право. Сепак Костадиновски не гледа тука судир на интереси, ниту пристрасност.

– Менторството е само една фаза во процесот на стекнување научен степен. По фазата на менторство, следува прифаќање, односно одобрување на трудот, како и потписи на извештајот од петчлената комисија, одредена од Наставно-научниот совет. Одбраната на дисертација се врши пред петчлена комисија. Ако се ова неспорни факти, во тој случај апсолутно не може да стане збор за судир на интерес ниту за каква било пристрасност – изјави Костадиновски за „Слободен печат“ минатата недела.

Со оглед на тоа што на огласите вообичаено се пријавуваат судии и обвинители, „Слободен печат“ кога беше направена првата селекција, испрати прашања до деканот кои се причините поради кои одлучил да конкурира, но тој не ни одговори.

Предлог-листата на која беа обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски, не беше по мерка на Владата па беше поништена без образложение кои точно критериуми не ги исполнуваат кандидатите. Се формираше нова Комисија со нови членови, по предлог токму на Владата. Од нив тројца на повторениот оглас се пријави Апостолски иако не доби образложение од владата кои се критерумите кои не ги исполнил првиот пат.

Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот