Воен пилот сликал со телефон и така го чукнал скапиот авион, штетата е над 600.000 евра
Јужнокорејските власти ја завршија истрагата за инцидент во кој беа оштетени два воени авиони пред неколку години, утврдувајќи дека несреќата ја предизвикал еден од пилотите, кој направил грешка поради тоа што снимал видеа и фотографии со својот телефон, пренесува Би-би-си.
Препорачано
Инцидентот се случил за време на летачка мисија во 2021 година, над централниот град Даегу, соопшти Сеулскиот одбор за ревизија и инспекција. Пилотите не биле повредени.
Еден од нив, кој во меѓувреме ја напуштил армијата, бил казнет со парична казна од 88 милиони вони (над 50.000 евра). До инцидентот дошло затоа што тој пилот сакал да направи фотографии за да го одбележи својот последен лет со единицата. Сликањето за време на значајни летови било „широко распространета практика меѓу пилотите во тоа време, а пилотот ја најавил својата намера на брифинг пред летот“, се наведува во извештајот објавен денеска.
Тој управувал со придружниот авион (бил т.н. вингмен) и го следел водечкиот авион за време на мисијата. При враќањето кон базата, почнал да фотографира со својот приватен телефон.
Откако го забележал тоа, пилотот на водечкиот авион побарал од друг пилот во неговиот авион да сними видео од придружниот авион.
Пилотот на придружниот авион потоа нагло го подигнал леталото и го превртел за подобро да биде снимен, со што леталата се доближиле опасно блиску.
За да избегне судир, водечкиот авион се обидел нагло да се спушти. Сепак, двата авиона „Ф-15К“, секој вреден по околу 100 милиони долари, на крајот се судриле, при што биле оштетени левото крило на водечкиот авион и вертикалниот стабилизатор на придружниот авион.
Воздухопловните сили на Јужна Кореја го суспендирале пилотот на придружниот авион, кој подоцна ја напуштил војската и почнал да работи за комерцијална авиокомпанија. Потоа, воздухопловните сили побарале од него да плати 880 милиони вони и целосно да ја покрие штетата. Откако пилотот поднел жалба, случајот бил разгледан од одборот за ревизија.
Тој признал дека неговиот ненадеен маневар довел до судирот, но тврдел дека пилотот на водечкиот авион „премолчено се согласил“, бидејќи знаел дека се снима. Одборот на крајот одлучил пилотот да плати само една десетина од првично бараниот износ. Во одлуката се наведува дека и воздухопловните сили носат дел од одговорноста, бидејќи не ја регулирале соодветно личната употреба на камери од страна на пилотите.
Шпанија забрани прелети на американски авиони кои учествуваат во војната против Иран


