ВО ЖИВО | Конфликт меѓу Русија и Украина, вести од минута во минута

Фото: EPA-EFE/ALISA YAKUBOVYCH

23.57ч. Хрватски доброволци веќе пристигнаа во Украина, воените ветерани одбраа да му помогнат на Зеленски

Откако претседателот на Украина Володимир Зеленски, испрати покана преку социјалните мрежи до луѓето ширум светот да дојдат и да се борат рамо до рамо со Украинците против руската инвазија, меѓу првите доброволци се одѕваа Хрватите, јавуваат хрватските медиуми. Формирана е посебна единица на борци за сите странци вклучени во војната.

Еден од хрватските доброволци од првата група, кој веќе замина на бојното поле, контактираше со хрватски РТЛ.

23.25ч. ФОТО: Протестите против руската инвазија продолжуваат низ цела Европа

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Европа во неделата во знак на протест против руската инвазија на Украина.

Протест во Берлин/Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Најголемите протести се одржаа во Берлин, при што се проценува дека околу 100.000 луѓе се појавија во неделата за да го изразат своето противење на војната и да побараат прекин на насилството.

22.45ч. Да ја напуштат Русија „без одлагање”, им порача Францијата на своите граѓани

Француското Министерство за Европа и надворешни работи „силно им препорача” на своите државјани во Русија да ја напуштат земјата „без одлагање”, по одлуката на Европската унија да им забрани на руските и белоруските авиокомпании од европскиот воздушен простор.

Аеродром Шереметјево во Москва/Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Слично ажурирање на веб-страницатаденеска „формално го обесхрабрува” какви било патување во Белорусија. Министерството соопшти дека „повеќето европски авиокомпании, вклучително и Ер Франс” ги суспендираа линиите кон и над Русија почнувајќи од денеска навечер поради затворањето на нејзиниот воздушен простор на ЕУ за руските авиони и авиокомпании.

22. 36ч. Франција до СБ на ОН ќе поднесе резолуција за прекин на огнот и хуманитарен пристап во Украина

Франција утре ќе поднесе резолуција во Советот за безбедност на Обединети нации, со која ќе повика на итен прекин на огнот во Украина и гаранции за доставување на хуманитарна помош до цивилите, најави Елисејска палата.

– Франција утре ќе поднесе резолуција во СБ на ОН со цел да се гарантира хуманитарен пристап без ограничувања за да одговори на итните потреби на населението во Украина, се наведува во соопштението од Кабинетот на Емануел Макрон.

Во соопштението се додава дека Париз „ќе побара и прекин на огнот, што мора да претходи на какви било мировни преговори”.

Франција е една од петте постојани членки на СБ на ОН, заедно со САД, Велика Британија, Кина и Русија, додека 10 други земји се ротирачки непостојани членки.

23.07ч. Аерофлот откажува летови кон европските дестинации

Руската авиокомпанија Аерофлот денеска соопшти дека ќе ги откаже сите летови до европските дестинации до понатамошно известување.

Откажани летови на рускиот Аерофлот/Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Аерофлот објави соопштение откако многу земји решија да го затворат воздушниот простор во знак на протест поради рускиот напад врз Украина. Европската унија претходно денеска одлучи целосно да го затвори воздушниот простор за руските авиони.

22.36ч. Џонсон: Нуклеарната закана на Путин го „одвлекува внимание” од настаните во Украина

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го стави нуклеарното оружје во состојба на висока готовност е со цел да го одвлече вниманието од тоа што навистина се случува во Украина.

Борис Џонсон – Фотографија ЕПА, Енди Рејн

– Тоа е одвлекување на вниманието од реалноста на тоа што се случува во Украина, истакна Џонсон.

Тој додаде дека Украинците се соочуваат со „целосно неиспровоциран чин на агресија против нив”.

– А, тоа што всушност се случува е дека тие возвраќаат, можеби со поголем ефект, со поголем отпор, отколку што сметаше Кремљ, посочи Џонсон.

22.34ч. Според сателитски снимки голем руски конвој се движи кон Киев

На денешните сателитски снимки се гледа како голем број руски војници и тенкови на 64 километри од Киев и се движат кон главниот град на Украина, соопшти приватна американска компанија „Максар технолоџис” (Maxar Technologies Inc).

Сателитска снимка од движењето на рускиот конвој кон Киев/ Фото: EPA-EFE/MAXAR TECHNOLOGIES HANDOUT — MANDATORY CREDIT: SATELLITE IMAGE 2022 MAXAR TECHNOLOGIES

На снимките се гледаат стотици воени возила кои се протегаат на повеќе од пет километри.

Конвојот се наоѓаше североисточно од украинскиот град Иванкив и содржи логистика и оклопни возила, како и тенкови, пешадиски борбени возила на пешадија и артилерија.

21.55ч. Кличко: Опколени сме, блокиран е целиот пристап до Киев

Како што руските трупи се приближуваат до главниот град на Украина, властите на Киев не се сигурни колку долго ќе издржи одбраната на градот и неговите граѓани.

Виталиј Кличко/ Фото EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

-Немаме планови за евакуација на цивили доколку руските војници успеат да го заземат Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, пренесува Еуроњуз.

„Не можеме да го направиме тоа, бидејќи сите патишта се блокирани. Во моментов сме опколени“, признава Кличко.

21.45ч. Украина поднесе тужба против Русија пред Меѓународниот суд во Хаг

Украина во неделата покрена постапка против Русија пред највисокиот суд на Обединетите нации, обвинувајќи ја Москва за планирање геноцид и барајќи од судот да интервенира за да ја запре инвазијата и да и наложи на Русија да плати репарации.

Украина, исто така, бара од Меѓународниот суд на правдата, со седиште во Хаг, да посочи „привремени мерки“ со кои и се наложува на Москва „веднаш да ги прекине воените операции“ започнати во четвртокот.

21.22ч. Повеќе од 210 Украинци убиени и над 1.100 ранети во руската инвазија

Повеќе од 210 Украинци се убиени, а над 1.100 се ранети откако Русија ја почна инвазијата врз Украина, соопшти денеска Канцеларијата на Народниот правобранител на Украина, пренесе Укринформ.

Сателитска снимка од движењето на рускиот конвој кон Киев/ Фото: EPA-EFE/MAXAR TECHNOLOGIES HANDOUT — MANDATORY CREDIT: SATELLITE IMAGE 2022 MAXAR TECHNOLOGIES

-На почетокот на четвртиот ден од војната, повеќе од 210 украински граѓани беа убиени, а повеќе од 1.100 се ранети, изјави комесарката за човекови права на украинскиот Парламент, Лидмила Денисова, која додаде дека од почетокот на руската инвазија секојдневно се регистрираат цивилни жртви.

Според Народната правобранителка, непријателот со невидена досега бруталност уништува куќи, болници, градинки и училишта, лишувајќи го правото на живот на синовите и ќерките на украинската земја, дури и на децата.

21.14ч. Зеленски нема да биде дел од делегацијата во преговорите со Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски „дефинитивно нема да биде дел од делегацијата во преговорите со Русија”. Тоа го изјави амбасадорката на Украина во САД, Оксана Маркарова.

Таа за Си-Ен-Ен изјави дека украинскиот претседател останува да ја „брани земјата”, го повика рускиот претседател да ја прекине војната и рече дека Украина ќе испрати делегација на преговорите.Амбасадорката додаде дека Украина е секогаш подготвена за разговори, но дека не е подготвена да се предаде.

20.56ч. Урсула фон дер Лајен: Украина е една од нас и ја сакаме во ЕУ

Украина е „една од нас и ние ја сакаме во Европската унија“, изјави претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен за Еуроњуз.

Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/RONALD WITTEK

Интервјуто дојде откако Брисел објави дека испраќа оружје во Украина, ги забранува медиумите поддржани од Русија во ЕУ и забранува руски авиони од блокот.

Но, и покрај поддршката на Украина за членство во ЕУ, таа не даде никакви индикации дека тоа ќе биде брз пристап што го побара претседателот Володимир Зеленски во саботата.

19.55ч. ЕУ ќе ја забрани работата на руските медиуми РТ и Спутник

Европската унија ќе ја забрани работата на руските медиуми РТ и Спутник, изјави денеска шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

Говорејќи на прес-конференција во Брисел, тој најави дека европскиот блок ќе ги забрани двата медиума во обид да се избори, како што наведе, „против руските дезинформации”, пренесе Си-Ен-Ен.

19.29ч. ВИДЕО | Украинско МВР: Од територијата на Белорусија истрелани руски ракети „Искандер“

Руските ракети Искандер, лансирани се денеска од територијата на Белорусија кон Украина околу 17 часот и го погодија аеродромот во Житомир, изјави Антон Херашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина.

Според договореното украинските и руските официјални лица треба да се состанат поради разгoвори на засега непозната локација на белоруската граница со Украина, соопштија денеска од кабинетот на пратседателот на Украина Володимир Зеленски, пренесува Ројтерс.

19.00ч. Ердоган пресече: Турција ќе го ограничи транзитот на руската морнарица низ Босфорот

Турција одлучи да ги почитува меѓународните договори кои ќе го ограничат транзитот на руски воени бродови преку Босфор, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Ситуацијата во Украина се претвори во војна. „Турција ќе ја почитува конвенцијата од Монтре“, рече Чавушоглу, цитиран од Ројтерс.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган/ Фото EPA-EFE/VLADIMIR SMIRNOV/

Турција вети дека ќе спроведе делови од меѓународниот пакт со кој ќе се ограничи транзитот на руски воени бродови од Средоземното Море до Црното Море.

18.31ч. ЕУ сака да ги поттикне земјите членки да праќаат оружје во Украина

На иницијатива на шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, министрите вечерва треба да дадат зелено светло за првпат Европскиот фонд за мир да се користи за испраќање оружје во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Жосеп Борел/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE ARCHAMBAULT /

Украина побара и голем број земји членки веќе прифатија, но Европската унија сака тоа да се формализира и да добие европска финансиска поддршка. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Борел веќе најави денеска дека на министрите за надворешни работи на ЕУ вечерва на вонреден состанок ќе им предложи измена на Европскиот фонд за мир (ЕПФ).

18.00ч. Генчовска: Педесет Бугари се блокирани во Москва

Во Москва се блокирани 50 Бугари, бидејќи Бугарија го затвора својот воздушен простор за руски авиони, а Русија воведе реципрочна мерка, изјави на денешниот брифинг бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска.

– Дадовме инструкции на бугарската амбасада во Москва да обезбеди сместување за овие граѓани во хотел, а во исто време да се подготви да ги транспортира по копнен пат до најблиските земји – најверојатно Латвија и Естонија, тоа треба да се прецизира, рече Генчовска.

Таа објави и една, според неа, најнова информација – ректорот на Техничкиот универзитет во Софија штотуку предложил да се обезбеди дополнителен прием на студенти и ученици од Украина и за таа цел ќе се бара зголемување на квотите за прием на заинтересирани студенти. – Ректорот предложи тие да се сместат во студентски домови, но за тоа допрва ќе се расправа на Советот на министри, рече Генчовска.

17.30ч. Белата куќа за заканата со рускиот нуклеарен потенцијал: Имаме капацитет да се одбраниме

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави нуклеарните сили на Русија во боева готовност е како дел од поширокиот шаблон на неиспровоцирана ескалација и „производство на закани” од Кремљ, изјавија денеска од Белата куќа.

– Ова навистина е шаблон што го гледаме од претседателот Путин во текот на овој конфликт, а тоа се производство на закани кои не постојат за да се оправда понатамошна агресија и меѓународната заедница и американскиот народ треба да гледаат на ова преку таа призма, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во интервју за „Еј-би-си”.

„Ние се спротивставуваме на тоа и имаме капацитет да се одбраниме, и да повикаме гласно за тоа што Путин го прави”, додаде таа.

17.15ч. Грција ќе испрати воена помош за Украина

Грција ќе испрати муниција, автоматски пушки и ракетни фрлачи за Украина како одговор на барањето упатено од украинската влада.

Воената помош е одлучена на состанокот меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и високи воени лица во земјата, соопшти денеска властите во Грција.

16.36ч. Кулеба: „Притисокот“ со рускиот нуклеарен арсенал нема да ја принуди Украина да се предаде

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави денеска дека неговата земја нема да „капитулира“ пред Москва, оценувајќи ја како обид за „притисок“ заканата со рускиот нуклеарен арсенал.

-Нема да се предадеме, нема да капитулираме, нема да предадеме ниту еден сантиметар од нашата територија“, изјави Кулеба на прес конферецијата.

Она што се случува во Украина сега е вистинска народна војна… Ние сме одлучни да возвратиме се додека е потребно за да ја одбраниме нашата земја и нашиот народ“, додаде на Твитер министерот за надворешни работи на Украина.

15:43 ч. Прва реакција од САД: Наредбата на Путин за нуклеарните сили е неприфатлива ескалација на војната

По наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за зголемување на степенот на подготвеност на руските „сили за одвраќање”, односно нуклеарните сили на земјата, со првична реакција се јави американската амбасадорка во Обединетите нациии, Линда Томас-Гринфилд.

Таа оцени дека „ова значи оти претседателот Путин продолжува да ја ескалира војната, на начин што е целосно неприфатлив”, пренесоа британските медиуми.

15:31 ч. Трас: Ги поддржувам Британците што ќе одат да ја бранат Украина

Шефицата на британската дипломатија, Лиз Трас, денеска изјави дека би ги поддржала Британците кои сакаат да одат во Украина и со оружје да ја бранат земјата од руската инвазија.

„Сите кои им се спротивставуваат на Русите се борат за слобода и демократија, не само за Украина, туку и за цела Европа“, рече Трас.

15:14 ч. Украина потврди дека ќе преговара со Русите на границата со Белорусија

Претседателот Володимир Зеленски на својот официјален канал на Телеграм соопшти дека ќе се водат безусловни разговори, и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин денеска ги засили тензиите откако ги стави руските нуклеарни сили во состојба на борбена готовност.

„Се согласиве дека украинската делегација ќе се сретне со руската делегација без претходни услови, на украинско-белоруската граница, блиску до реката Припјат“, напиша Зеленски.

14:52 ч. Путин нареди да се стават нуклеарните сили во борбена готовност, по „агресивните изјави“ од Западот

Во драматична ескалација на тензиите меѓу Русија и Западот, рускиот претседател Владимир Путин, по средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов, попладнево му нареди на министерството за одбрана да ги стави во „режим на специјална борбена подготвеност“ нуклеарните сили на земјата.

„Највисоките функционери на водечките земји на НАТО дозволуваат агресивни изјави кон нашата земја, затоа им наредувам на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот да ги префрлат силите за ограничување на руската армија во режим на специјална борбена подготвеност“, рече рускиот претседател.

13:13 ч. Европската унија ќе ѝ купува оружје и гориво на украинската армија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека ќе предложи европска финансиска помош за Украина за купување оружје и гориво.

„На министрите за надворешни работи на ЕУ ќе им предложам користење на Европскиот мировен фонд за две итни мерки. Целта на овие мерки е да се финансира снабдувањето со смртоносен материјал за херојската украинска армија, која се бори со жесток отпор против руските напаѓачи, и да се обезбедат итни потреби за други материјали, како што се гориво и медицински материјали, рече Борел, кој свика вонреден виртуелен состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

12:44 ч. Руски ултиматум: Ако Киев сака да преговара во Белорусија, да се одлучи до денес во 15 часот

Русија им даде краен рок на украинските власти до 15 часот по локално време денеска за да се одлучат дали ќе дојдат на разговори во белорускиот град Гомел.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека е подготвен да разговара со Русија, но го отфрли предлогот од Москва за средба во Белорусија.

12:11 ч. Спротивставени информации: Украинците тврдат дека убиле 4.300 руски војници, Русите – дека уништиле 1.000 воени објекти

Украинските власти објавија дека загубите во техника на руските сили се околу 146 тенкови, 27 авиони и 26 хеликоптери, додека руската страна обвини дека „екстремисти и националисти“ од Украина гранатирале станбени блокови и училиште кај Мариупол

11:41 Лукашенко потврди: Русите стрелаа откај нас кон Украина, не ја дадов јас наредбата

Белорускиот претседател потврди дека проектили биле лансирани од белоруска територија кон Украина, но рече дека овој чекор бил принуден, пренесува државната агенција БЕЛТА.

Лукашенко истакна дека тој не ја дал наредбата за лансирање ракети.

10:59 ч. Руската војска пукала кон автобус со цивили и не дозволува да им се помогне, тврди Киев

Руските сили отвориле оган кон автобус кој превезувал цивили во округот Охтирка во областа Суми, соопштија украинските власти и локалните медиуми.

Украинските власти тврдат дека руските војници не им дозволуваат на амбулантните возила да се доближат до местото на инцидентот, а околните места се минирани.

10>34 ч. Украина сака преговори без ултиматуми, Велика Британија ѝ го поддржува ставот

Украина е исклучиво за „реални” преговори со Русија за нејзината воена офанзива, без какви било ултиматуми, изјави денеска Микаило Подољак, советникот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Подољак ја нарече „пропаганда” одлуката на Москва да испрати делегација во Белорусија на преговори.

Украинските власти претходно ја одбија руската понуда за преговори во Белорусија, посочувајќи дека оваа земја исто како Русија, е агресор врз Украина.

Британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, го поддржа овој став на Киев, велејќи дека не може да има разговори со Русија за Украина додека има руски војници на украинска територија.

10:07 ч. ВИДЕО: Русите жестоко удрија по украинските инсталации за гас и нафта

Во мугрите, оган се издигаше од нафтено депо во близина на воздушната база во Василково, каде ноќеска се водени интензивни борби, а руските сили го кренале во воздух и гасоводот во вториот по големина град во Украина, Харков.

9:13 ч. Украина ја одби руската понуда: Ќе преговараме, но не во Белорусија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја отфрли руската понуда за разговори во Белорусија.

Тој рече дека Минск бил соучесник во руската инвазија, но ја остава вратата отворена за преговори на други локации.

Кремљ претходно соопшти дека руска делегација е подготвена да се сретне со украинските претставници во белорускиот град Гомел.

8:45 ч. Зеленски: Украина формира странска легија со доброволци

„Ова ќе биде клучниот доказ за вашата поддршка за нашата земја”, рече украинскиот претседател Зеленски во пораката до доброволците.

8:15 ч.ВИДЕО: Русите влегоа во Харков, жителите ги дочекаа со молотови коктели

Руските трупи, со силна артилериска поддршка ноќеска влегоа во Харков, а жителите ги пречекаа со молотови коктели. Во вториот по големина украински град каде се случуваат жестоки улични борби, јавуваат медиумите.

22.13ч Украинска парламентарка Рудик: „Путин не потцени, и жените ќе се борат со мажите“

Кира Рудик, член на украинскиот парламент, пред само неколку дена беше окупирана со секојдневниот живот, но потоа се се смени.

„И тогаш еден ден само знаете дека доаѓаат.И тогаш треба да направите нешто. А потоа добиваш пиштол и потоа учиш да пукаш“, изјави Рудик за Си-Ен-Ен од Киев.

Синоќа Рудик на Твитер објави фотографија на која држи калашников, со порака:

„Нашите жени ќе ја заштитат нашата почва на ист начин како и нашите мажи. За мене беше чудно и лудо да сфатам дека држам оружје и дека сум подготвена да го носам и да одам да пукам во други човечки суштества. Причината за оваа промена е затоа што руските војници доаѓаат во Киев, а руските војници се обидуваат да го земат она што навистина не е нивно“, изјави таа за Си-Ен-Ен.

20.58ч Авганистанци кои побегнале во Украина од талибанците: Можеби погрешивме

Некои Авганистанци кои избегаа од хаосот откако талибанците го зазедоа Кабул во август, сега се најдоа во Украина каде повторно се наоѓаат „фатени“ во нова војна.

„Ситуацијата во Авганистан кога талибанците ја презедоа власта беше подобра од она што го гледам овде во Украина. Сега повторно бегаме, но овој пат во непозната судбина“, изјавил за Би-Би-Си, Хајдар Седиќи, 36-годишен поранешен авганистански војник.

Седиќи рече дека се разбудил на утринската молитва во четвртокот кога се случил хаос.

19:49ч ВИДЕО | Бајден: Алтернативата е Трета светска војна

Американскиот претседател Џозеф Бајден вечерва се обрати и откри алтернатива на огромните санкции против Русија поради ситуацијата во Украина.

Тој јасно порача: „Алтернативата е Трета светска војна“.

„Имате две опции. Започнете Трета светска војна, војувајте со Русија, во суштина. Или погрижете се земјата која дејствува толку спротивно на меѓународното право на крајот да ја плати цената за тоа“, рече Бајден во интервјуто со водителот Брајан Тајлер Коен.

19.14ч „Лов на руски војници“– 50 долари за убиен, 100 долари за жив Русин

Украинскиот пратеник Дмитро Соломчук издаде ново известување за граѓаните од областа Ривне. Тој нуди награда за заробени или убиени руски војници.

Имено, тој на својот профил на Телеграм и Фејсбук сподели дека „ловот на руските напаѓачи е отворен“.

18.27ч Каспаров: Исфрлете ја Русија од финансиските пазари, нека банкротира Путиновата воена машина

 

Поранешниот шампион во шах Гери Каспаров, руски дисидент и противник на Владимир Путин, го повика Западот да ја „исклучи Русија од финансиските пазари“ поради инвазијата на Украина.

„Исклучете ја Русија од светските финансиски пазари. Погрижете се рускиот финансиски систем повеќе да не произведува ресурси за воената машина на Путин“, изјави Каспаров за Corierre della Sera во саботното издание.

17.36ч Украина побара да се извадат сите патокази: Да му помогнеме на непријателот да замине директно во пеколот

 

Одговорната управа – Укравтодор денеска ги повикаа сите туристички организации и локални администрации веднаш да почнат со демонтирање на таблите со ознаките во нивната непосредна близина. Приоритет треба да имаат имињата на населбите и градовите.

„Непријателот има лоша мобилна врска и не може да се ориентира на теренот”, соопштија властите на Телеграм. „Да му помогнеме да замине директно во пеколот”, додаваат оттаму.

16.30ч Речиси 25.000 парчиња автоматско оружје поделени на граѓаните на Киев

Со цел да се спречи очекуваниот голем руски напад врз украинскиот главен град Киев, локалните власти соопштија на жителите на главниот град им е поделено многу оружје.

Поделени се вкупно 25.000 парчиња автоматско оружје, како и 10 милиони парчиња муниција, соопшти министерот за внатрешни работи Денис Монастирски во видео објавено на социјалните мрежи.

15:31 Блинкен: САД ќе обезбедат воена помош од 350 милиони долари за Украина

Соединетите Американски Држави ќе обезбедат дополнителна воена помош од 350 милиони долари за Украина за борба против руската инвазија, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

„Овој пакет ќе вклучува дополнителна смртоносна одбранбена помош за да и помогне на Украина да се справи со оклопните, воздушните и другите закани со кои се соочува”, се вели во изјавата на државниот секретар.

Ентони Блинкен
Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/KAY NIETFELD / POOL

15:10 Словачка прогласи вонредна состојба поради големиот број украински бегалци

Владата на Словачка денеска прогласи вонредна состојба поради приливот на странци во земјата, јавуваат словачките медиуми.

Како што се наведува, целта на воведувањето на вонредната состојба, која стапи на сила точно напладне, е да се создадат неопходни услови за отстранување на последиците од масовниот прилив на странци на територијата на Словачка.

Претставници на Владата и други органи се задолжени за преземање мерки за цивилна заштита на населението, за решавање кризни состојби за да не се загрозат животите, здравјето и имотот на жителите на земјата.

14:30 Разговор Чавушоглу – Лавров: Турција бара прекин на воените операции во Украина

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу повика на прекин на руските воени операции во Украина за време на телефонскиот разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров во саботата, пренесува Ројтерс.

13:19 Медведев: На Русија веќе не и се потребни дипломатски односи со Западот

На Русија всушност повеќе не и се потребни дипломатски односи со Западот, нагласи поранешниот претседател на Русија, и висок безбедносен функционер Дмитриј Медведев, отфрлајќи ги западните санкции наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.

Медведев тврди дека санкциите кон Русија му даваат добра причина да се повлече од дијалогот за стратешка (нуклеарна) стабилност и, потенцијално, од Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов СТАРТ) потпишан со Вашингтон во 2010 година и продолжен во 2021 година.

„Не ни требаат особено дипломатски односи… Време е да ги затвориме амбасадите и да ги продолжиме контактите гледајќи се меѓу себе низ двоглед и низ нишан”, напиша Медведев на својата страница на руската социјална мрежа Вконтакте (ВК).

13:14 Зеленски им се обрати на Украинците: Ќе победиме!

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рано утринава му се обрати на украинскиот народ и рече дека неговата земја ќе триумфира над руските сили.

Тој рече дека владините сили продолжиле да го контролираат Киев и „клучните точки во градот“. Тој рече дека украинските сили ќе победат и го критикуваше ширењето на дезинформации.

Во последниот дел од својот говор тој рече: „Ве молам запрете ги оние што лажат или се обидуваат да ве лажат. Мораме да ја запреме оваа војна. Можеме да живееме во мир заедно, како луѓе“.

12:48 Кличко: Киев е под украинска контрола, во центарот нема руски војници

Киев е под контрола на украинската влада, а во центарот на градот нема руски војници, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

„Минатата ноќ беше тешка, но во центарот на градот нема руски војници“, рече Кличко во видеото објавено на Телеграм во саботата наутро.

Сепак, тој додаде: „Непријателот се обидува да напредува во Киев“.

Виталиј Кличко/ Фото EPA-EFE/ZURAB KURTSIKIDZE

11:41 Кремљ одговори на санкциите: Ќе ги замрзнеме средствата на странските компании и поединци

Русија ќе одговори на западните санкции со кои се замрзнаа пари и сметки на руски државјани и компании во странство, со запленување средства на странци и странски компании во Русија, изјави во саботата новинската агенција РИА Новости Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност.

Москва не ја исклучува национализацијата на имотот на компаниите регистрирани во САД, Европската унија и другите „непријателски јурисдикции“, рече Медведев, пренесува Ројтерс.

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

11:29 Русија обвини 10 локални медиуми дека лажно ја пренесуваат операцијата во Украина

Рускиот регулатор за комуникации обвини 10 локални медиуми дека лажно ја прикажуваат, како што Русија ја нарекува, специјалната воена операција во Украина и дека шират лажни информации за настаните таму.

Руските власти им порачаа на медиумите во државата да не користат зборови „инвазија” и „напад”.

Во соопштението, Роскомнадзор обвини голем број независни медиуми, вклучително и телевизискиот канал „Дожд” и радиото „Ехо на Москва” за ширење „неверодостојни општествено значајни невистинити информации” за гранатирањето на украинските градови од страна на руската армија и за загинувањто на цивили.

11:26 Прекинат Интернетот во делови од Украина поради напредувањето на руските трупи

Интернет-поврзувањето во Украина е тешко погодено од руската инвазија, особено во јужните и источните делови на земјата каде борбите беа најтешки, објави во саботата опсерваторијата за блокирање на интернетот НетБлокс, пишува Ројтерс.

Руските сили го зазедоа југоисточниот украински град Мелитопол во саботата, објави руската новинска агенција Интерфакс, додека Москва нападна со координирани крстосувачки ракети врз неколку градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

10:54 Кулеба бара целосна изолација на Русија

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, побара од светот целосна изолација на Русија, по ракетните напади врз станбени делови на Киев.

Кулеба на Твитер објави дека Киев преживеал уште една ноќ под ударите на руските копнени сили и проектили. Еден проектил погодил станбена зграда во Киев.

„Барам од светот целосно да ја изолира Руската Федерација. Протерајте ги амбасадорите. Ембарго за нафта. Уништете ја руската економија”, наведува Кулеба во твитот.

Дмитриј Кулеба
Дмитриј Кулеба/ Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

10:40 ФОТО: Колона од украински бегалци долга 6 километри на границата меѓу Украина и Словачка

На границата меѓу Словачка и Украина, колоната е долга 6 километри од словачката страна, јавува Н1, а на граничниот премин пристигнуваат голем број бегалци.

„Тоа се главно жени и деца кои ја минуваат границата. На мажите не им е дозволено да ја преминат границата. Украина мобилизираше мажи на возраст од 18 до 60 години и мора да ја брани својата земја. Затоа сите овие мажи ги возат своите сопруги до граничниот премин. ги возат своите деца, „Дури и миленичиња. Ги возат до границите на Полска, Словачка, Молдавија, Унгарија и Романија. Сите тие навистина сакаат да стигнат до западноевропските земји, особено во Европската унија“, вели репортерката.

10:21 Утрово во Суми и во Киев забележани оружени престрелки

Оружени престрелки повторно се забележани во градот Суми во североисточна Украина, со повик на локалните власти до населението да остане во своите домови.

Западни медиуми јавуваат дека силите на територијалната одбрана се ангажирани против руската војска.

Извештаите јавуваат за оружени престрелки утрово и во Киев.

10:08 Кличко: Најмалку 35 повредени во ноќешните престрелки низ Киев

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека 35 лица се повредени во борбите што се воделе низ улиците на Киев изминатата ноќ.

Меѓу повредените има и две деца.

Не е разјаснето дали бројката се однесува исклучуво на цивилни лица.

Кличко додава дека нема поголемо руско воено присуство во Киев, но оти се активни групи руски саботери.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко/ Фото Hennadii Minchenko / Zuma Press / Profimedia

10:03 Разговор Зеленски – Фон дер Лајен: Украина се бори за својата слобода и европската иднина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оствари телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Во твитот, тој наведе дека разговарале за помошта на ЕУ за Украина и се надеваат дека ќе ја добијат нивната поддршка.

„Украина се бори против напаѓачот со оружје во раце, бранејќи ја својата слобода и европска иднина. Разговаравме со Лајен за ефикасна помош за нашата земја во оваа херојска борба. Верувам дека и ЕУ ја избира Украина”.

09:56 Руските сили тврдат дека уништиле повеќе од 800 воени цели во Украина

Руските вооружени сили уништиле повеќе од 800 објекти на украинската воена инфраструктура, соопшти денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.

„Руските вооружени сили уништија 821 украински воен објект, вклучувајќи 14 воени писти, 19 контролни центри и комуникациски центри, 24 противвоздушни системи С-300 и одбранбени ракетни системи Оса, како и 48 радари”, додаде тој.

Конашенков додаде дека руските сили собориле седум украински авиони и исто толку хеликоптери.

09:35 Нема жртви од ударот врз станбена зграда во Киев, изјави советник на украинската влада

Ракетата што погоди станбена зграда во украинскиот главен град Киев денеска не предизвикала жртви, изјави советник на министерот за внатрешни работи.

Антон Херашченко нагласи дека Русија не зборува вистина дека не ја гранатира цивилната инфраструктура. Според советникот, најмалку 40 такви локации биле погодени, и дека руските трупи гранатирале цивилни локации.

Фото Твитер

09:31 ВИДЕО: Проектил погоди станбена зграда во Киев

Станбена зграда во близина на аеродромот во Киев била погодена од проектил или ракета рано утрово, а сликите од местото на настанот покажуваат голем удар на горните катови на облакодерите, објавија светските медиуми.

Надворешните ѕидови на неколку ката се целосно кренати во воздух, внатрешноста поцрнета, а остатоци висат од голема височина.

Украинските власти објавија снимка на која, меѓу другото, се гледа моментот на ударот на проектилот.

08:43 Макрон: Оваа војна ќе трае

Светот мора да се подготви за долга војна меѓу Русија и Украина, откако Москва започна инвазија на својот прозападен сосед, предупреди денска францускиот претседател Емануел Макрон.

„Ако можам да ви кажам една работа утринава, тоа е дека оваа војна ќе трае… Оваа криза ќе трае, оваа војна ќе трае и сите кризи што доаѓаат со неа ќе имаат трајни последици”, рече Макрон на годишниот саем за земјоделство во Франција.

Тој упати предупредување: „Мора да бидеме подготвени”.

Емануел Макрон/Фото EPA-EFE/LUDOVIC MARIN /

08:38 Граната погоди станбена зграда во централниот дел од Киев, има жртви

Украинската државна служба за итни случаи соопшти дека граната испукана од руските сили погодила станбена зграда во центарот на Киев.

Зградата се уште гори утрово и има огромна штета – уништени се повеќе домови. Не е познат бројот на жртвите. Пожарникари им помагаат на повредените.

08:28 Франција распоредува 500 војници како дел од силите на НАТО во Романија

Франција ќе распореди 500 воен персонал како дел од силите на НАТО во Романија откако Русија ја нападна соседна Украина, изјави началникот на Генералштабот на армијата.

„НАТО одлучи да го зајакне своето присуство за да испрати многу јасен знак на стратешка солидарност, за да ги позиционира силите во Романија”, рече Тиери Буркхард за Радио Франс Интернационал и за радиодифузерот Франс24.

„Ќе испратиме околу 500 луѓе со оклопни возила”.

француска елитна жандармеирја EPA-EFE/GUILLAUME HORCAJUELO

08:11 Зеленски го одби предлогот на САД да се евакуира од Украина, останува со својот народ во Киев

САД се подготвени да му помогнат на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го напушти Киев за да избегне да биде заробен или убиен по напредувањето на руските сили, објави Вашингтон пост, цитирајќи американски и украински официјални лица.

Сепак, Зеленски одбил да го напушти градот или државата.

Во извештајот се вели дека САД се загрижени за одржување континуитет на владата во Украина и се загрижени дека доколку тој биде заробен, тој може да биде принуден на отстапки.

Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

08:06 Бајден одобрил 350 милиони долари воена помош за Украина

Претседателот на САД, Џо Бајден му нареди на американскиот Стејт департмент да ослободи 350 милиони долари воена помош за Украина.

Во меморандум до државниот секретар Антони Блинкен, Бајден побара 350 милиони долари доделени со Законот за странска помош да бидат доделени за одбраната на Украина.

Бајден даде свои забележки за руско-украинската криза/Вашингтон, САД 18.02.2022/Фото: EPA-EFE/Oliver Contreras / POOL

08:00 Унгарија се понуди да биде домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина

Унгарија се понуди да биде домаќин на руско-украинските мировни преговори.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто предлогот им го дала на рускиот колега Сергеј Лавров и шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.

„Предложив преговори во Будимпешта, безбедно место за двете делегации”, напиша Сијарто на Фејсбук.

Будимпешта, Унгарија/ Фото EPA-EFE/MARTON MONUS HUNGARY OUT

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот