Трас: Ги поддржувам Британците што ќе одат да ја бранат Украина

Лиз Трас / фото: EPA/EFE

Шефицата на британската дипломатија, Лиз Трас, денеска изјави дека би ги поддржала Британците кои сакаат да одат во Украина и со оружје да ја бранат земјата од руската инвазија.

Британските медиуми пишуваат дека оваа изјава дополнително ќе ги засили тензиите меѓу Западот и Москва. Дополнително, ова може да се толкува и како повик за кршење на законите, со оглед на тоа што учеството во странски војски е забрането во Британија, пишува Њујорк Тајмс.

Во интервју за јавниот сервис Би-би-си, Трас беше запрашана околу повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски кон странците да ѝ се придружат на борбата на Украинците против Русија.

„Сите кои им се спротивставуваат на Русите се борат за слобода и демократија, не само за Украина, туку и за цела Европа“, рече Трас.

Запрашана конкретно околу тоа дали ќе поддржи Британци да одат во Украина за да се борат, Трас одговори:

„Апсолутно, ако така сакаат“.

Како и сите други членки на НАТО, Велика Британија ја отфрли можноста за испраќање сопствена војска во Украина, но министерката Трас вели дека Владата прави сѐ што може за да ја снабди Украина со одбранбено оружје.

Законот со кој се забранува учество на Британци во конфликти во странство со земји кои не се во војна со Велика Британија, датира од 1870 година, но медиумите пишуваат дека тој закон не се спроведувал против доброволците од оваа земја во Шпанската граѓанска војна во 30-тите години од минатиот век. Во последните децении, британски државјани се вклучуваа во странски воени сили, како Француската легија на странците и Израелските одбранбени сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот