Путин нареди да се стават нуклеарните сили во борбена готовност, по „агресивните изјави“ од Западот
Во драматична ескалација на тензиите меѓу Русија и Западот, рускиот претседател Владимир Путин, по средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов, попладнево му нареди на министерството за одбрана да ги стави во „режим на специјална борбена подготвеност“ нуклеарните сили на земјата, јавува Асошиејтед прес.
“
Препорачано
Според Путин, потегот е одговор на „агресивните изјави на Западот“.
„Највисоките функционери на водечките земји на НАТО дозволуваат агресивни изјави кон нашата земја, затоа им наредувам на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот да ги префрлат силите за ограничување на руската армија во режим на специјална борбена подготвеност“, рече Русинот.
Состанокот се одржа додека трае руската инвазија на Украина, која Русите ја нарекуваат „специјалната воена операција во Украина“.
Инвазијата започна на 24 февруари. Во петокот движењето на војниците беше прекинато во очекување на можни преговори со Киев, но поради одбивањето на украинската страна да учествува во нив, операцијата продолжи во саботата.
Двете страни денеска соопштија дека се подготвени за преговори, но имаше натегања околу локацијата, откако Украина одби средбата со руските претставници да се одржи во Белорусија.


