Во текот на летото почнува изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија, рече Николоски
Објавен е тендерот за избор на надзор за третата фаза од пругата кон Бугарија, а за десетина дена треба да биде објавен и тендерот за избор на изведувач, со што во текот на летото ќе почнат работите на терен – изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред состанокот за активностите и плановите за проектите на Коридорот 8, кој се одржува во соработка со претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје.
Препорачано
– Во однос на заедничкиот тунел, работите се одвиваат добро и се надевам дека за брзо време и таму ќе почнат активностите. Втората фаза се одвиваше со едно забавено темпо, сега и таму ги надминуваме проблемите, сите 16 тунели веќе се пробиени и очекувам некаде од 2028 година и втората фаза потегот од Бељаковце до Крива Паланка да го завршиме, а првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е во функција. Денеска ќе разговараме и за западното крило – рече вицепремиерот.
Николоски најави дека на состанокот ќе се разговара и за западното железничко крило на Коридорот 8, како и за проектите за изградба на патните делници на овој Коридор, кои, потенцира, се одвиваат добро.
– Изградбата на железничкиот и патниот дел од Коридорт 8 ќе чини пет милијарди евра. Државата покажува дека може да спроведува големи инфраструктурни проекти – рече Николоски.
Бен Нупнау од Делегацијата на ЕУ посочи дека Коридорот 8 е стратешки проект со придобивки за граѓаните и државите истакнувајќи го неговото безбедносно значење во услови на геополитичка криза.
– Состанокот е потврда за заложбата на Владата за спроведување на проектите од Коридотот 8 – посочи Нупнау.


