Во Собранието се предлага директорот да мора да го вработи најдобро рангираниот лекар, а не тој што му е по ќеф
Во Собранието пред пратениците денеска се најде предлог за измена на Законот за здравствена заштита со кој се има намера да се стави крај на вработувањето во јавното здравство според желбата на директорите и со кој се предлага клучна улога при вработувањето да има ранг-листата, односно реално да бидат вработувани најдобрите кандидати кои се пријавиле на јавните огласи за позиции во државното здравство. Со 81 глас „за“ изгласана беше потребата да се дискутира за оваа измена и предлогот е испратен на комисиска расправа.
Препорачано
Моменталната ситуација налага кога на јавниот оглас за вработување во јавна здравствена установа ќе се пријават повеќе кандидати, што речиси секогаш е случај, здравствената установа да формира комисија за селекција на здравствен работник или здравствен соработник.
Селекцијата на кандидатот за здравствен работник со високо образование се врши врз основа на просекот, и врз основа на стручен испит.
Стручниот испит го составува Комисија за изработка на тестови формирана од Министерството за здравство и самиот тест е класифициран.
Но, кога ќе дојде моментот да се состави ранг-листата од најдобро рангираните на стручниот испит, тогаш членот 161 од Законот за здравствена заштита на директорот на болницата или на друга јавно-здравствена установа му дава дискреционо право да вработи кого сака, а не најдобро рангираниот.
Всушност, најголемиот дел директори изминативе години своите одлуки ги правдаа со тоа што сите рангирани кандидати ги повикувале на интервју кое за нив беше пресудно. Бројни најдобро рангирани доктори, сестри и други медицински кадри во државното здравство останаа невработени зашто на интервјуто директорот ги оценил како помалку добри од некој кандидат што е подолу на листата.
За ова „Слободен печат“ пишуваше повеќе пати, во случаите кога прворангираните кандидати дури и ги тужеле јавно-здравствените установи поради тоа што не ги вработувале најдобро рангираните, туку оние кои дискреционо ги избрал директорот.
Но, судската пракса покажува дека судовите досудуваат во полза на здравствените установи, бидејќи законски сега – директорот навистина не мора да го одбере прворангираниот на тестот. Таков беше случајот кога во гостиварската болница „Ферид Мурад“ не беше вработена најдобро-рангираната докторка, туку 10 полошо рангирани после неа. Целиот текст може да го прочитате на следниот линк.
Политичката партија „Левица“ денеска во Собранието на седница има доставено предлог-закон за да се измени членот 161 од Законот за здравствена заштита. Според нив, со тоа што директорот не мора да го одбере најдобро рангираниот кандидат, туку може да го користи своето дискреционо право, создава силна партизација која е рак-рана на македонското општество, а на таков начин државата стимулира излив на медицински кадар кој е дефицитарен.
„Следствено, имаме бројни случаи кога најдобрите кандидати не беа избрани, а целата постапка се сведуваше на формалност со однапред познати одлуки. Поради ова, нашите лекари и медицински сестри денес лечат во Германија и другите европски држави, само поради тоа што во Македонија партиската книшка е повреднувана од стручноста и професионалноста. Левица континуирано и принципиелно инсистира на надминување на овој длабоко вкоренет системски проблем и повторно, по официјална постапка, поднесе Предлог-закон за дополнување на спорниот член, со цел конечно да се овозможи вработување на најдобрите, а не на „најповрзаните“. Денеска пратениците од Левица по втор пат во овој мандат ќе се обидат да ја прекинат праксата на партиски и непотистички вработувања и да воведат ред, еднаквост и професионални критериуми во здравството“, велат од партијата.
Во образложението зошто се предлага измена на Законот за здравствена заштита, пишува дека постоечкиот член 161 од законот во пракса доведува до нееднаква примена, така што во еден случај се избира прворангираниот кандидат, а во друг случај вториот, третиот итн. поради тоа што работоводните органи на здравсвените установи нееднакво ја применуваат одребата при идентични случаи.

Од таа причина е и донесено Автентично толкување на членот 161 став (1) поради кој всушност се појавува нееднаквоста на пристапот до вработување. Автентичното толкување пак, дополнително ја потврди дискрецијата на директорот на установата во постапката при избор на кандидат за вработување, и ја продлабочи нееднаквата примена на законот, при што во изминатиот период во јавноста се појавија повеќе случаи каде најдобрите кандидати не беа избрани, а наместо нив се избираа кандидати кои се долу на ранг-листата. Изборот се врши спротивно на исполнетоста на законските критериуми на стручност и компетентност, пишуваат пратениците од Левица кои се предлагачи на измените.


