„Не за кого е речено, туку за кого е печено“: Докторка со најмногу бодови не била вработена во болницата во Гостивар, туку 10 други полошо рангирани

Докторка по медицина се јавила на јавен оглас во општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар за да добие договор на неопределено и освоила 84 бодови со што била прворангирана. Арно ама, болницата наместо неа, вработила 10 други доктори на огласот а таа останала со договор на дело. Државната комисија за одлучување во управна постапка од работен однос во втор степен ѝ ја одбила жалбата, па таа морала да поведе тужба пред Управниот суд.

Огласот бил објавен на 28 декември 2023 година за вработување на 10 доктори на медицина, 10 медицински сестри, 3 физиотерапевти, 1 рентген-техничар и 1 биохемичар. Тужителката навремено се пријавила за работното место „доктор на медицина“. По доставувањето на документите за работното место на сите што учествувале на огласот, бил спроведен стручен испит и испит за странски јазик. Докторката на ранг-листата после овие спроведени тестирања била прва, со 84,40 бодови. Но, тоа не било доволно за да се вработи.

По објавувањето на прелиминарната листа директорот на болницата спровел интервју со кандидатите. По спроведеното интервју донел одлука за избор на 10 доктори на медицина, додека прворангираната докторка не била избрана.

Докторката со најмногу бодови и следствено најмалку шанси за вработување, повела тужба и Апелациониот суд со пресуда донесена пред 1 месец ја потврди одлуката дека нема право оти прворангираниот на листата мора да се вработи.

И основниот и апелациониот суд во Гостивар сметаат дека тоа што кандидатката била прворангирана не го обврзува дирекоторт да ја вработи за доктор на медицина, туку дека директорот на болницата има право да избере кого сака од пријавените на огласот се додека тие ги исполнуваат општите и посебните услови. Судот смета дека тоа што некој доктор е прворангиран на листата, не ја обврзува болницата да го вработи бидејќи директорот има дискреционо право да вработи кого сака додека тој некој исто така исполнува услови, макар и послаб број бодови.

Џабе докторката се жалела дека селекцијата на кандидатот се врши според критериуми: просек од успех постигнат на факултет 60 бода, стручен тест 40 бода, квалификационен испит кој носи 60 бода, стручен тест-40 бода и познавање на 1 од светските јазици.

Ова е отфрлено и од основниот и од апелациониот суд Гостивар, затоа што членот 161 од Законот за здравствена заштита и членот 21 од Законот за работни односи дозволуваат работодавачот да вработи кого сака, се додека тој ги исполнува условите.

Членот 21 од Законот за работни односи утврдува дека работодавачот има право на слободно одлучување, со кој кандидат кој ги исполнува пропишаните договорени, односно од работодавачот барани услови за вршење на работата  почитувајќи ги законските забрани, ќе склучи договор за вработување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот