Во Ерџелија приведени неколку лица осомничени за изборен поткуп

При претресот во едно возило паркирано во двор на С.И., а истото во сопственост на Б.Т., исто така од Ерџелија, пронајден е список на 20 лица.

Неколку лица се приведени во селото Ерџелија, поради сомнение дека се вмешани во изборен поткуп.

Како што соопшти МВР денеска во шест часот полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи и полициската станица при ОВР Свети Николе во содејство со полициски службеници од СВР Штип при Бирото за јавна безбедност извршиле  претрес кај четири лица од Ерџелија.

Кај З.З., И.В. (пронајдени се 4000 денари и пропаганден материјал од политичката партија, додека кај неговите родители со кои живее во заедница пронајдени се 60.000 денари во апоени од по 2000 денари), Д.В. (пронајдени се 3500 евра и пропаганден материјал од политичка партија) и С. И. (пронајдени се 10.000 денари, пропаганден материјал на политичка партија).

При претресот во едно возило паркирано во двор на С.И., а истото во сопственост на Б.Т., исто така од Ерџелија, пронајден е список на 20 лица.

Во врска со пронајдениот список повикано е лицето Б. Т. и истиот при разговор признал дека во месец мај од страна на СВР Штип му била поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик, по што истиот се обратил кај С.И.,а тој му ветил дека ќе му помогне доколку Б.Т. обезбеди 20 гласачи за политичката партија.

По ова ветување, Б.Т., направил список, разговарал со лицата од списокот и ги убедил истите да гласаат за оваа партија за да му помогнат да не оди во затвор. По ова, Б.Т. заедно со С.И. списокот на потенцијалните гласачи го предале во политичката партија.

Извршена е консултација со ОЈО Свети Николе, по што дадени се насоки сите наведени лица да се лишат од слобода, да се изврши разговор со сите лица на списокот, како и со други лица кои се поврзани со наведените, да се провери потеклото на парите и пропагандниот материјал. По извршените проверки и дадениот исказ на Б. Т. пред јавен обвинител во Свети Николе е констатирано дека постои кривично дело по член 162 ст.1 од КЗ и дадени беа насоки да се извршат консултации со надлежното основно јавно обвинителство во Штип, по што беше констатирано истото кривично дело. С.И. е задржан во полициска станица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот