ВМРО-ДПМНЕ прашува за колку пари Заев и Филипче го продале името, а од СДСМ им одговорија да го вратат како што ветиле

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ прашаа колку пари земале Заев и Филипче кога го продале името на државата. На денешната прес-конференција Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ ги обвини експремиерот и ексминистерот од СДСМ, за национално предавство и повика на истрага.

Според неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА, Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот.

„Ова е навистина едно значајно прашање кое отвора прашање и за друг случај, а тоа е следното. Ако Киро Глигоров, како поранешен претседател, одбил 100 милиони долари за промена на името, колку Заев и Филипче имаат земено за промената на името Македонија? Тоа е прашањето кое што се наметнува по овој случај. Да потсетиме дека овие двајца се врзуваат со згради во Дубаи,со индиски авиокомпании, со фирми на Балканот, јахти и така натаму. Дали парите им се заработени од продажбата на името на Македонија се трошат на ваков начин и за колку пари го продале ако го сториле истото?“ праша Лефков.

Во меѓувреме, се огласија и од СДСМ, од каде им порачаа да го вратат името на државата како што ветиле на изборите пред да дојдат на власт.

„Ветивте на народот враќање на името. Ветивте на народот дека ќе го поништите Преспанскиот договор. Нас нè обвинивте дека сме предавници. Но, еве веќе втора година сте на власт и никаков потег немате во тој правец. Зошто сега не го смените името? Зошто сега не го направите тој чекор? Излезете и покренете иницијатива во Собранието. Вие знаете тоа многу лесно да го направите, во еден ден – исто како што го сторивте со декретот за забрана на говор“, порача денеска членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски.

Тој побара да им се „каже и на меѓународната заедница, на Европската Унија и на НАТО и народот, додека летаат ракети кон Европа, дека Македонија нема да биде во НАТО, дека нема кој да нè брани и дека ќе бидеме сами“.

„Тамам ќе добиете сигурно поддршка и од Русите и од Вучиќ, бидејќи и така и така работите во нивен интерес. Потоа, многу полесно ќе можете да криумчарите пет тони дрога – никој нема да ве спречи. Ајде, патриоти. Ајде, комити. Зошто не го направите овој потег“ рече Жерновски.

Грците му нуделе на Киро Глигоров пари за да го смени името – тој одбил, пишува во документ на ЦИА што сега е достапен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот