Грците му нуделе на Киро Глигоров пари за да го смени името – тој одбил, пишува во документ на ЦИА што сега е достапен
Изворите на американската разузнавачка агенција го нарекувале Глигоров „стар и мудар лисец“, открива документот декласифициран неодамна
Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот, се наведува во неодамна декласификуван документ на американската тајна служба ЦИА.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„(…) и покрај големата економска потреба на Македонија, Глигоров одбил приватна понуда од грчки функционери од 100 милиони долари финансиска помош под услов името да се промени”, се пренесуваат информациите од изворите на ЦИА во документот кој датира од 6 ноември 1992 година, а објавен е на страниците на дигиталната библиотека на декласифицирани документи на ЦИА- ФОИА во јануари, пренесува „Дојче веле“.

Во своите мемоари „Македонија е сè што имаме“, Глигоров не го споменува овој податок, но споделува друг – дека нему лично му било нудено мито од еден милион долари од грчки посредници за да се согласи на промена на името, но тој тоа го одбил.
Изворите на ЦИА го опишуваат Глигоров како „почитуван државник-ветеран и реформатор”, кој „доследно работи на балансирање на спротивставените сили во неговата република и низ целиот Балкан”. Тие го нарекле поранешниот македонски претседател „мудар стар лисец“, кој ги импресионирал со своето чувство за стратегија и со познавање на деталите.


