Влахо: Има напредок, но и тактички грешки кои мора да ги анулираме

Лошите резултати на последните мечеви доведоа до оставка на Александар Влахо/Фото: fkrabotnicki.com

Работнички одигра 1:1 против Силекс на првиот пролетен натпревар на домашен терен. „Романтичарите“ имаа водство со голот на Никола Прелчец, но во финишот Иван Галевски донесе израмнување и еден бод за клубот од Кратово.

Шефот на стручниот штаб на Работнички, Александар Влахо вели дека во глобала може да биде задоволен од напредокот во играта на тимот, но исто така потенцира и дека во текот на мечот се случија неколку тактички грешки по кои противникот доби можност да постигне погодок.

– Можам да бидам задоволен од напредокот во играта на тимот. Имавме одлични моменти, офанзивен пристап, агресивност во играта, напаѓавме и создадовме шанси, постигнавме погодокот по акцијата на Максимов и Прелчец. Но, имаше и тактички грешки, во одредени моменти дозволивме лесно да испаднеме од игра и противникот преку контранапади го загрози нашиот гол.

Ќе мора да поработиме на тој план и да усовршиме некои детали за да бидеме уште пофункционални и поквалитетни во иднина. Што се однесува до резултатот, имавме водство до пред крајот, но не успеавме да го сочуваме. Ако се анализира целиот меч, ремито е веројатно и најреален епилог – вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.

Работнички в среда, во 21. коло на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје ќе го пречека лидерот Шкендија. Главен судија на натпреварот ќе биде Александар Ставрев, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Бранко Путилин. Во шампионатот Работнички моментно е на петтата позиција со 28 бодови, 17 помалку од водечката Шкендија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот