Владата раскина четири концесии за минерални суровини
Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, донесе три одлуки за едностран раскин на договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање ново барање за концесија. Одлуките се објавени во „Службен весник“.
Препорачано
Од формирањето на министерството до денес, донесени се вкупно 34 вакви одлуки. Како главни причини се наведуваат: непочитување на законските одредби за експлоатација, неплаќање концесиски надоместоци, кршење на еколошките стандарди, пренесување на концесии без согласност и работа надвор од одобрениот предел.
Паралелно се водат постапки за нови раскини или одбивање продолжување на концесии, а констатирани се и 11 случаи на истечени договори. Министерството најави дека наскоро ќе објави јавен регистар на одземени концесии, со цел поголема транспарентност.
„Нашата цел е одговорно управување со природните ресурси. Со засилени контроли и примена на законските мерки обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и локалните заедници“, изјави министерката Сања Божиновска.
Министерството информира дека редовно спроведува теренски контроли и испраќа предупредувања, а едностран раскин се применува само кон оние концесионери што не ги почитуваат законските обврски.


