Вкусни приказни со Кристина Колевски: Рецепт за манештра болоњезе
Во време кога сите брзаме и често готвиме „набрзина“, убаво е да се потсетиме дека подготовката на храната може да биде и вистинско уживање.
Препорачано
Токму така готви и Кристина Колевски од Битола – со вистински мерак и љубов кон целиот процес. Преку својот инстаграм-профил @solenoblagiprikazni, таа веќе подолго време ги инспирира луѓето да влезат во кујна, да си дадат време и да зготват нешто вкусно.
Денеска таа ни го претставува својот рецепт за манештра болоњезе.

Потребни состојки:
- 300 гр манештра (грчко орзо)
- 250 гр мелено месо
- 1 помала главица кромид
- 2-3 чешниња лук
- 2 моркови
- 70 мл црвено вино
- 500 мл доматно пире
- 600 мл вода (по потреба повеќе)
- сол, црн бибер, оригано, мешан сушен зеленчук
- магдонос
Подготовка:
Започнете со подготовката на основата – ситно исечкајте го кромидот, лукот и морковите, така што ќе се стопат во текстурата на јадењето. Во загреана тава со малку масло, најпрво ставете го овој зеленчук да се запржи. Оставете го неколку минути, додека омекне и почне да пушта мирис, тоа е моментот кога се гради вкусот.
Потоа додајте го меленото месо. Со лажица раздробете го за рамномерно да се испржи, па посолете и зачинете по ваш вкус. Гответе додека месото убаво не ја промени бојата и не се запржи.
Кога месото е готово, налејте го виното. Оставете го да крчка 2–3 минути, така алкохолот ќе испари, а ќе остане длабока арома што ќе го збогати целото јадење.
Следно, додајте го доматното пире и добро промешајте за да се соединат сите состојки. Потоа ставете ја манестрата, повторно промешајте, и налејте вода колку што е потребно за да се свари.
Оставете да се готви на тивок оган, со повремено мешање, додека манестрата не омекне целосно. Ако забележите дека течноста се намалува, слободно додајте уште малку вода.
На самиот крај, кога јадењето е готово, додајте свежо исечкан магдонос за свежина и дополнителен мирис.
На здравје!


