Илустративна фотографија за високи температури во лето / Фото: Antonio Guillen Fernández / Panthermedia / Profimedia

Вистинска летна жештина — западна Европа се соочува со рекордно високи температури во мај

Западна Европа се подготвува за првиот значителен топлотен бран ова лето, а температурите се очекува да бидат и повеќе од 10 степени над просекот, додека во стотици места би можеле да бидат урнати рекорди за месец мај, пренесува „Гардијан“.

Температурите низ Португалија, Шпанија, Франција и Обединетото Кралство се очекува да надминат 30 степени и да продолжат да растат и во текот на следната недела. Во Париз и Лондон се прогнозираат до 32 степени, во југозападна Франција до 35 степени, а во регионите Гвадијана и Гвадалкивир во Шпанија и до 38 степени.

Француската метеоролошка служба „Метео-Франс“ предупреди:

„И максималните и минималните температури веројатно ќе достигнат нивоа без преседан за овој период од годината во повеќе региони, особено на југозападот, за време на предвремен топлотен бран кој ќе биде интензивен и ќе трае неколку дена.“

Националната метеоролошка служба на Франција соопшти дека речиси сигурно ќе бидат урнати рекорди за највисока температура измерена во мај, како и за највисока просечна температура во земјата во текот на мајски ден.

Според „Метео-Франс“, екстремните температури, кои во некои градови како Нант и Брест би можеле да бидат за три до четири степени повисоки од претходните рекорди, се резултат на т.н. „топлотна купола“, при што жежок воздух од Мароко останува заробен под висок притисок од силен антициклон.

Службата оцени дека температурите во Бретања се „навистина извонредни за толку ран период пред летната сезона“ и дека би можеле да ги надминат постојните рекорди за три или повеќе степени.

Тие предупредуваат дека климатските промени значат оти Европа, континентот што се загрева најбрзо во светот, ќе се соочува со вакви екстремни топлотни бранови „сè почесто, сè порано и со сè поголем интензитет“.

Британската метеоролошка служба издаде предупредувања за здравствени ризици поради високите температури, а според нив локално би можеле да бидат измерени и до 33 степени.

Во Шпанија, каде температурите веќе достигнаа 38 степени, двегодишно девојче трагично починало во северозападниот регион Галисија, откако по грешка било оставено со часови во автомобил.

Шпанската државна метеоролошка служба соопшти дека жешкиот период ќе продолжи и следната недела и би можел да донесе рекордни температури за мај.

„Вистинска летна жештина е изразот што најдобро го опишува времето што ќе го гледаме низ поголемиот дел од Шпанија во следните денови“, изјавил портпаролот на шпанската метеоролошка служба, Рубен дел Кампо.

„Температурите ќе бидат меѓу пет и десет степени над сезонскиот просек, а во северните региони и до 10 степени над просекот за овој период од годината. Тоа се температури какви што обично ги гледаме во јули и август.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот