Висла се радува во Битола: Еурофарм Пелистер го претрпе и деветтиот пораз во Лигата на шампионите
Во својот 11 натпревар во групата Б од ЕХФ Лигата на шампионите ракометарите на Еурофарм Пелистер на домашен терен загубија од Висла Плок со 28:25. По првото полувреме гостите имаа предност од четири голови разлика (13:9) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Препорачано
Во текот на целиот натпревар Висла го контролираше резултатот во своја корист, стартуваше фуриозно со серија од 3:0, а нешто подоцна дојде и до највисоки „плус пет“ (9:4). Истата најголема позитива ја имаше и непосредно пред паузата (13:8).
Еурофарм Пелистер на стартот од вториот дел единствено се доближи неколку пати до „минус три“ (14:11, 15:12), но противникот не дозволи никаква резултатска неизвесност и одржуваше водство од три-четири голови разлика, а подоцна повторно дојде и до највисоки „плус шест“ (20:14).
Следуваше одлична серија од 5:0 на битолската екипа и дојде на само еден негатива (20:19) и наместо неизвесна завршница и можен пресврт на домаќините, Висла подобро се снајде во финишот, не дозволи да биде загрозена нејзината предност. Имаше 23:20, а подоцна и 27:23, и тука веќе беа решени сите дилеми.
Кај домаќините најефикасни со по четири голови беа Тајник, Пе. Атанасијевиќ и Пешевски, а Кузмановски запиша три. На спротивната страна најрасположен беше Јанц со седум голови, Фазекаш имаше шест, а Ричардсон пет.
Тоа е веќе деветти пораз за македонскиот првак оваа сезона за моментно седмо место на табелата со четири бода, а седма победа за полската екипа за трета позиција и 14 бодови.
Во следното коло Еурофарм Пелистер на 25 февруари ќе игра во Данска против составот на ГОГ со почеток од 20.45 часот.


