„Вијаграта“ на мажите им го зацврстува и срцето

Фото: Ccnull

Мажите што користат апчиња за еректилна дисфункција „вијагра“ во исто време го намалуваат ризикот од прерана смрт од срцеви проблеми, покажуваат резултати од ново истражување финансирано од фармацевтската компанија „Санофи“.

Во компаративната анализа биле споредени податоци 23.000 американски мажи на кои во изминатите 14 години им била препишана „вијагра“ со 48.000 мажи на кои не им бил препишан лекот за надминување на проблеми со ерекцијата. Мажите што примиле поголема доза од инхибиторот „пде-5и“, кој го содржи „вијаграта“, претрпеле срцев удар во 13 отсто помалку случаи во споредба со другите. Бројот на смртни случаи од кардиоваскуларни проблеми кај оние што користеле „вијагра“ бил за 39 отсто помал во споредба со другите мажи за кои било водено евиденција.

Авторите на истражувањето предупредуваат дека нема категорични докази дека „вијаграта“ директно придонесува за поотпорноста и долговечноста на мажите и додаваат дека резултатите веројатно се последица на поклопување на многу фактори.

– Мажите што избираат да користат лекови како „вијагра“ мошне веројатно се поздрави, за почеток. Можеби нивниот зајакнат капацитет да ја продолжат сексуалната активност по третманот ја предизвикало забележаната полза за срцевото здравје – се истакнува во студијата, објавена во „Журналот на сексуална медицина“.

Авторите додаваат дека студијата создава здрава основа за спроведување потемелно истражување за влијанието на „пде-5и“ врз здравјето на срцето, со следење на две групи на мажи – една што ќе го добие инхибиторот и друга што ќе верува дека го добила.

– Можно е да има кардиоваскуларна полза од „вијаграта“, но ова истражување само по себе не го потврдува ова. Не ја исклучувам можноста дека пациентите на кои лекарите им препишале „вијагра“ веќе имале поздраво срце, бидејќи докторите не препорачуваат да им се дава лекот на мажите со послабо срце. Потребни се клинички истражувања – вели докторот Нил Вит, фармацевтски хемичар од Универзитетот на Сиднеј.

Американската Федерална агенција за храна и лекови од 2005 година одобрува користење на лекот „вијагра“, под името „реватио“, за ефикасен третман на пулмонарна артериска хипертензија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот