ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стојко Стојков: Дома бевме Македонци, а на училиште Бугари
Главниот мотив да ја истражува историјата, за Стојко Стојков е тоа што во домот каде што израснал му велеле дека е Македонец, а на училиште во родниот Сандански го учеле дека е Бугарин. Професорот по историја за Слободен печат говори за незавидната положба во која се наоѓаат Македонците во Бугарија.
Препорачано
– Дома сите бевме Македонци, а на училиште тоа не смееше да се спомне. Паметам дека ја прашував баба ми од каде знае дека е Македонка, таа не беше политички определена, а за неа беше апсурдно да се каже дека е Бугарка, а не Македонка. Значи таа беше неписмена, родена на територија на Бугарија, а сепак тоа беше нејзино апсолутно убедување. И кога ја прашав кој ѝ го кажал тоа, таа рече мајка ѝ, а мајка ѝ е родена во Османлиска империја. Уште од најрана возраст почнав да истражувам, да барам и уште тогаш увидов дека за жал некои бугарски историчари манипулираат, односно премолчуваат ако во изворот пишува Македонци, тука ставаат три точки итн. – вели Стојков.
Тој е лидер и на организацијата ОМО Илинден – Пирин, која води голема битка со бугарската држава околу регистрацијата.
– Во Бугарија има една атмосфера на понижување и истовремено на исмејување, значи ако сте Македонец вие сте глупав, неписмен, не знаете воопшто историја. Постојано се исмевани на телевизија луѓето со македонска самосвест и националност, а тоа е прифатено во Бугарија како бонтон. И затоа е прилично незгодно за луѓето што јавно се декларираат како Македонци, постојано се судираат со луѓе што вчера гледале телевизија и денеска сакаат да си направат мајтап со нив. Но кај многу луѓе има и наследен страв. Стотици луѓе биле по затвори, затоа што се Македонци, за време на комунизмот. Илјадници се иселувани, губеле работа, а ќотекот во полиција воопшто и не го земаме предвид. Затоа постои наследен страв и повеќето Македонци не смеат да кажат дека се Македонци – додава тој.
Стојков тврди и дека за декларираните Македонци во Бугарија значи и блокада за вработување во државна и јавна служба, како и целосен игнорантски однос од страна на образовните и научните институции. Токму тоа се случи и со промоцијата на проширеното издание на неговата научна книга „Многуимените други. Македонија – пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан“.
– Кога бугарските историчари не можат да пронајдат грешка или контрафакт во истражувањето и толкувањето на историјата, тогаш тие ја игнорираат вашата работа. За мојата книга немаше никаква реакција од Софија, што е доказ дека добро сум ја сработил работата – вели Стојков.


