ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Петковски – Од ракометен голман до врвен тату артист
Ако на Гугл побарате информации за Матеј Петковски ќе ви излезат видеа и фотографии од млад професионален ракометен голман кој 10 години од животот ги посветил на овој спорт и со гордост го носел дресот на македонската репрезентација во младинските категории. Сега овој млад и амбициозен човек, спортот го заменил со тетовирање.
Препорачано
На Петковски уметноста и цртањето му биле хоби и додека тренирал ракомет. Но ова хоби со текот на времето прераснало во пасија. Сега веќе четири години тој е посветен на тетовирањето како професионална работа.
За Матеј ова бил голем пресврт по неговата спортска кариера.
– Играв ракомет 12 години, се занимавав и професионално неколку од тие 12 години. Со спорт сум цел живот и цртањето ми беше цело време како алтер его – oбјаснува Петковски.

Почетоците на неговата нова професија како тату-артист започнале со тетовирање на неговите пријатели. Како стил на тетовирање, Петковски се насочил на типографијa- летеринг. Типографијата е дизајнирање на фонтови, односно, букви за што Петковски вели дека секоја тетоважа ја збогатува со посебен стил.
-Се занимавам со тетовирање речици пет години. Правам букви, најчесто, претпочитам да е кирилица. За тие што не знаат што е летеринг, тоа се модифицирани букви, само со изопачени завршетоци на буквите и изгледаат многу добро – вели Петковски.
Тој веќе четири години работи во тату-студио. Вели дека кај нас тетовирањето сè уште не е развиено на светско ниво.
– Има многу артисти, многу квалитетни артисти, ама клиентелата не е таа што се бара веројатно бидејќи сите сакаат некој сличен стил – раскажува Петковски.


