ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Сајковски: Не лекуваме лабораториски резултати, туку лекуваме деца
Ниски температури, студено време и загадување. Грип, вируси, бактерии. Чекалниците се полни. Како треба да ги лекуваме најмалите? Дали секоја зголемена температура значи дека на детето му треба преглед? Кога треба да се направи крвна слика и кога се дава антибиотик? Утрово на оваа тема зборуваме со доктор Александер Сајковски – педијатар од приватната болница „Аџибадем Систина“. Докторот вели дека нема потреба веднаш кога детето ќе има покачена телесна температура да се крева паника.
Препорачано
– Ние како педијатриска фела велиме дека покачувањето на телесната температура е дел од таканаречен неспецифичен имунитет и тој е дел од одбраната на организмот. Но факт е дека во нашите педијатриски амбуланти најчеста причина заради која доаѓаат родителите со децата е покачена температура и кашлица како два симптоми. Веројатно тоа е страв кој е всаден заради температурата, иако тоа е само еден одбранбен механизам со кој телото се брани од инфекцијата – вели Сајковски.
Тој објаснува дека децата не се раѓаат со зрел имунолошки систем и некаде на 5-6 години стигнуваат на 45-50% од имунитетот на возрасните. Кога ќе се качи телесната температура, на 38 со 5, во период од неколку часа се ослободуваат повеќе од 3,5 милијарди леукоцити коишто одат во зоните каде што е инфекцијата.
– Во случај да не се покачи температурата, односно ние да ја симнеме предвреме и да не дојде до тоа ниво на 38 со 5, тие леукоцити нема да се ослободат и добиваме мрзлив имунитет. И тогаш ако постојано ја третираме таканаречената покачена температура до 38 со 5 со антипиретици, во тој случај добиваме момент во којшто имунолошкиот одговор станува „мрзлив“ и тоа не е добро – вели докторот.
Тој советува да се почека барем 6 до 8 часа откако ќе се покачи температурата негде на ниво 38 со 5, и ако оди нагоре тогаш да се даваат антипиретици.
– Не им советувам на родителите веднаш да стартуваат со антипиретици и да не прават веднаш крвна слика и ЦРП. Ние не лекуваме лабораториски резултати туку лекуваме деца. Добро земена анамнеза, добар преглед и искусни педијатри можат веднаш да проценат дали едно дете е за употреба на антипиретици и евентуално антибиотици – вели Сајковски.

Тој објаснува дека секое давање на антибиотик треба да биде поврзано со консултација со педијатар. Вели дека не постои послаб и појак антибиотик и тоа е мит.
– Постојат антибиотици кои делуваат или не делуваат на одреден микроорганизам. Имаме бактерии кои се резистентни на некој антибиотик, бактерии кои не се резистентни. Сите антибиотици имаат позитивни ефекти, но имаат и свои негативни ефекти. Кога споменавте резистенција, интересно е дека колку повеќе се применува некој антибиотик во една земја, толку повеќе се формираат резистентни соеви – вели докторот.
За зголемување на имунитетот објаснува дека не постои волшебен препарат. Препорачува здрава храна која не содржи во себе токсини како пестициди, хербициди, органофосфатни соединенија.
-Имунолошкиот систем е најдобро кога зрее сам. Пуштете ги вашите деца да си играат во кал, во песок, не ги ставајте во стаклено ѕвоно, затоа што ставањето во стаклено ѕвоно подразбира дека ќе развијат алергиски имунитет во сите средини каде што има хиперчисто чување. Децата треба да се запознаат со микроорганизмите и децата имаат право на тоа. Треба да се остават да си играат, да се запознаат со тие антигени, со тие разни микроорганизми и имаат право 8 до 10 пати во годината да се разболуваат – вели Сајковски.

Вели дека кога секрецијата е бистра и има благо покачување на температура, умерена кашлица, тоа е веќе знак дека се работи за вируси, горнореспираторна вирусна инфекција.
– Не се стартува веднаш со антибиотици. Изнесете ги децата надвор подобро, одете на Водно, на чист воздух и хранете ги здраво – вели Сајковски.


