Пр. Др. - Дева Петрова - онколог од болница Систина
Пр. Др. - Дева Петрова - онколог од болница Систина

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петрова: Зрачењето може да замени операција кај одредени карциноми

Зрачењето со современи апарати може да замени и хируршка интервенција кај одредени типови на рак, посебно ако станува збор за современи апарати со висока доза на зрачење. Од неодамна во „Аџибадем Систина“ има нов систем на лекување со апарат „TrueBim“ кој им овозможува на онколошките пациенти наместо во странство да се лекуваат дома. За начинот на лекување, за тоа колку трае целата постапка и колку време се зрачат пациентите, но и кои типови на карциноми се лекуваат на ваков начин, зборуваме со професор д-р Дева Петрова, специјалист по онкологија.

Според неа, предноста на новите техники е висока доза на зрачење на мал простор.

– Не постои тумор кој е резистентен на зрачна терапија, доколку ја прими онаа доза којашто ќе доведе до негово уништување. Кај одредени тумори, коишто се повеќе резистентни, потребни се многу високи дози за да дојде до нивно уништување, а постојат и тумори коишто се посензитивни, каде што тој ист тераписки ефект може да го постигнете со многу помали дози. Така можеме да кажеме дека зрачењето зависи од типот на туморот – вели Петрова.

Таа објаснува дека некаде и со помала доза, со помал број на зрачење може да се постигне тераписки ефект, а некаде треба поголем број на зрачења и поголема вкупна доза за да се уништи туморот. Со стеротакса се поставуваат високи тераписки дози за кратко време. Пациентот не мора да доаѓа на 25-30 зрачења туку целокупниот третман се завршува во една, три или пет фракции.

– Тоа е предноста на овој апарат, покомфорно е за пациентот, попрецизно се доставува дозата во таргетот или во тој волумен што сакаме да го зрачиме. Одиме со максимален ефект врз туморот и минимален ефект врз здравите ткива и органи, со што овозможуваме да се задржи добар квалитет на живот и помалку нус-ефекти од тој третман – вели Петрова.

Таа објаснува дека линеарниот акцелератор се користи за третман на сите видови на тумори каде што постои индикација за спроведување на зрачен третман. А стереотаксата може да се користи и за третман на примарни тумори и за третман на метастатски тумори.

-Третманот на примарни тумори може да биде конкуренција со хирургијата, да речеме. Кај некои мали тумори во белите дробови, каде што пациентот од икс причини не може да оди на оперативен третман, може да се спроведе третман со стереотакса. Или да речеме, ако имаме метастатски промени, во тој случај, наместо да се зрачи поголема регија, може да е таргетирано со стереотакса да се озрачи само метастазата, којашто ни е таргет на тој третман – вели Петрова.

Таа објаснува дека во стереотаксата е многу битен и волуменот на карциномот. Доколку промените се големи, тој тумор не е кандидат за третман со стереотакса. Но, доколку промената е помала, обично негде до 4 см, тогаш може да се третира со стереотакса.

Пр. Др. - Дева Петрова - онколог од болница Систина
Проф. д-р Дева Петрова – онколог од Аџибадем Систина

– Зрачењето може да се комбинира со останатите онколошки третмани како имунотерапија и цитостатска терапија. Нуспојавите од зрачната терапија се различни зависно од тоа која регија ја зрачите. Ако се зрачи мозокот, може да имаме потенцирање на оток во околината, главоболка, мачнина, нагон за повраќање. Ако се зрачат белите дробови, може да имаме иритирачка кашлица, но сето тоа е минливо, се дава соодветна симптоматска терапија со цел да се минимизираат тие несакани реакции – вели докторката.

Таа објаснува дека предноста на нивната работа е што е неинвазивна метода на лекување. Нема болка, нема пациентот, никаков контакт со ниту еден инструмент. Сè се прави на оддалеченост, а зракот влегува во соодветната регија. Методата е безболна и кратка, а квалитетот на животот може да се продолжи за пет до 10 години.

-Моја препорака до пациентите е, доколку имаат потреба или нешто не им е јасно, да дојдат во нашата болница, кај нашиот медицински тим на консултација. Имаме од најсовремена дијагностика до најсовремен тераписки пристап во лекувањето. Може да побараат и второ мислење доколку има препишан одреден онколошки третман. Не треба да се плашат пациентите од овие болести, бидејќи медицината напредува. Третманите стануваат сè покомплексни, значи веќе онкологијата е сведена на ниво на генетика, значи се индивидуализира пристапот во лекувањето, се прават многу испитувања, генетски тестирања, молекуларни анализи со цел да се дојде до вистинскиот лек, значи до правилен пристап во лекувањето. И денес со оваа болест може да се живее долги години – вели Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот