ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Цветковска: Ми пречеше тоа што темите кои ги обработував во вестите беа на маргините, затоа создадов поткаст

Теодора Цветковска /фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Новинарката Теодора Цветковска „побегна“ од традиционалниот медиум, телевизијата и одлучи да се насочи кон создавање поткаст. Моментално најактуелниот медиум за изразување и една од најчестите алатки за информирање на бројна публика. Популарноста за создавање на поткасти е меѓународно присутна, но и Македонија не е заобиколена од овој тренд.

Цветковска се потпишува како автор на поткастот „Анекта“ и како основач на првиот агрегатор за македонски поткасти.

Теодора Цветковска /фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Таа одлучила да се занимава со поткаст бидејќи била незадоволна од тоа како биле третирани темите за кои таа работела на вести.

– Моите теми беа на маргините, на крајот од вестите во максимум 2-3 минути, мене тоа не ми се допаѓаше, сметав дека луѓето кои јас ги снимам тие приказни заслужуваат поголемо внимание. Приматот кој им се дава на политичарите според мене е погрешен, постојат многу поважни луѓе чија судбина треба да се чуе. Затоа се одлучив да направам поткаст каде што јас ќе бидам уредник и каде јас ќе одлучувам кој и колку ќе трае – вели Цветковска за „Слободен печат“.

Според Цветковска негативните коментари за тоа што „поткастите никнуваат како печурки“ и за тоа дека „секој на кој му текна направи поткаст“ се сосема разбирливи.

– Јас тоа го споредувам со напливот на портали, ако ви текнува еден период се отворија многу портали и истите коментари кружеа и тогаш дека секој на кој му текнало отворил портал, дека сите можат да бидат новинари и сл. Така беше, но со текот на времето се филтрираа работите и останаа само тие кои имаа уредувачка политика, познавање на новинарството како работа, мислам дека така ќе биде и со поткастите, со тек на време ќе се види којшто работи за што и дали може да истрае на пазарот – додава Цветковска.

ВИДЕОАНКЕТА | Ги прашавме водителите има ли предизвик во поткастот?

 

Нашето општество е подготвено за овој формат на медиум, луѓето сакаат да слушаат и гледаат, да се информираат преку поткасти, појаснува Цветкосвка. Според неа доброто кај поткастите е што се тематски, па така доколку некој сака да слуша за спорт го одбира тој поткаст, на македонски имаме поткасти и за здрав начин на живот, за ментално здравје, поткаст за економија, потоа поткасти кои раскажуваат инспиративни приказни на непознати луѓе, поткасти за личности од естрадата итн.

– Агрегаторот за поткасти го направивме за да може публиката на едно место да ги има сите македонски поткасти и да одбере што сака да гледа. Форматот го прилагодивме кај нас според форматот на српскиот агрегатор. Веќе имаме агрегатор за вести, па зошто да нема и за поткасти. Се надевам дека овој агрегатор ќе помогне за подобрување на македонскиот агрегатор во секоја смисла на зборот, како и за меѓусебна соработка меѓу поткастерите – вели Цветковска.

Според Цветковска на нашиот пазар недостасуваат поткасти кои ќе едуцираат.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот