ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Борислав Крмов: Жешката есен им се случи, а тие излегоа неспремни
Македонското знаме беше сквернавено, палено, беше газено со автомобили. Значи видете, јас би сакал малку поинаку да ја поставам тезата. Како прво полицијата не реагираше како што треба. Тоа е факт. ДУИ прво најавуваше жешко лето, па жешка есен и еве жешката есен им се случи, а тие излегоа неспремни. Ама јас сакам да ја поставам тезата дека ова за жал не треба да нè изненадува, јас мислам дека албанскиот политички фактор работи на ова од 2001 досега, под покровителство на условно речено големите македонски партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За жал, кај нас граѓанинот по потекло Албанец е дефиниран како анти-Македонец и тој не го слави Денот на албанското знаме, ако не го гази македонското знаме, вели Борислав Крмов, пратеникот на Левица, кој во студиото на Слободен печат даде коментар за начинот на кој беше одбележан Денот на албанското знаме во Скопје.
За инцидентот во Собранието, кога лидерот на Левица Димитар Апасиев, влезе во вербален конфликт со дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а притоа пред вклучените камери на глас извикуваше пцости и погрдни зборови, Крмов смета дека такви работи не смеат да се случуваат во парламентот.
– Тоа се грди сцени, такви работи не смеат да се случуваат во Собранието. Ние за жал малку паднавме на провокација од ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да дадам поширок контекст, ова не е изолиран инцидент. Тие ја обвинуваат Левица дека прави проблеми во Собранието, а тие имаат најмалку три инциденти што ги предизвикаа во изминатиот период – вели Крмов.
Тој смета дека треба да помине време за да се даде оценка за работата на Владата.
– Еве сега се носи буџет, на 10 декември ќе имаме пленарна расправа за буџетот, кој им е прв што ќе го носат. Треба да се даде време. Ама од друга страна треба да се каже дека знаците се лоши, показателите на работата на Владата во првите шест месеци се лоши. Колку и да не признаваат, сепак во кампањата буквално го лажеа своето членство дека ќе одолеат на Северна, колку пати кажаа дека никогаш нема да го употребат уставното име и колку траеше тоа? Само за време на заклетвата на претседателката. Само заклетвата беше без Северна, за тие потоа веднаш да ретерираат – вели тој.
Пратеникот на Левица смета дека неговата партија е инволвирана во изработка и менување на повеќе законски решенија, но од особено внимание за нив се законските одредби поврзани со семејното насилство, со кои, тие предлагаат насилникот да биде гонет по службена должност, а не како сега по приватна тужба.
– Знаете како е со приватните тужби или ќе се поднесат или ќе бидат повлечени. Мораме ова да го промениме и мислам дека за овие законски промени ќе добиеме поддршка од другите партии во Собрание – изјави Крмов.
Тој потврди и дека партијата спремно ќе ги дочека локалните избори, на кои тој се надева во повеќе општини Левица да биде најмалку втората политичката сила според бројот на освоените гласови.