Димитар Атанасовски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Атанасовски: Добивме признание за најдобро отворање и пофалби за најдобри услови на ЕМОФ досега

Лошите вести поврзани со Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје доаѓаа само од нашите домашни медиуми и се тоа само за сензационализам и политички поени, вели за „Слободен печат“ Димитар Атанасовски, координатор на протокол на манифестацијата. Тој  додава дека паралелно ги следел и странските медиуми коишто објавувале за рушењето на светските рекорди што се случија во Скопје.

-Додека во македонските медиуми се пренесуваше сензационализам, низ европските медиуми пишуваа за срушен светски рекорд во скокање со стап, срушени седум европски рекорди во различни дисциплини, скоро сите учесници освоија некаков медал, што е показател дека сите биле насочени кон резултатите, а не кон скандалите коишто за жал испливаа на површина кај нас. Недостатоци има во секоја спортска манифестација, и на Олимпијада ќе најдете пропусти и на светските првенства, но проблемот е во тоа што ние се фокусиравме на тоа. И тоа најчесто беше пласирано од луѓе коишто не посетија ниту еден натпревар, туку пишуваа од дома под клима или од Халкидики – вели Атанасовски.

Според него, скандалите ги засенија важните информации, како тоа дека сме го организирале најмасовниот ЕМОФ досега, и како што вели, дека никој не ја пренел веста дека ова биле најдобрите услови во историјата на Европскиот младински олимписки фестивал кој постои од 1991 година.

-За разлика од поплаките и критиките коишто кружеа во јавноста од поединци, со вперен прст кон нас организаторите на манифестацијата, учениците беа задоволни, бидејќи ниту еден натпревар не беше откажан, ниту еден натпревар не се одвиваше надвор од предвиденото, ниеден превоз не доцнеше за да не се одржи тренинг, храната редовно се испорачуваше. Добивме пофални зборови од Програмата на европски олимписки комитет за млади амбасадори (Young ambasadors) за најдoбро организирани услови и најдобра организација, досега, од сите 18 изданија на овој фестивал. Атлетите имале најголем интерес, за оваа програма којашто ги учи за антидопинг, заштита. Второто признание коешто го добивме е директно од претседателот на Европски олимписки комитет, за најдобра церемонија на отворање на ЕМОФ, досега.

Воедно, да не заборавиме дека сега веќе можеме да се пофалиме дека успешно сме го организирале најмасовниот ЕМОФ во историјата, со вкупно 15 спортови, педесет делегации и 4000 учесници – вели Атанасовски.

Атанасовски е уверен дека дел од овие спортисти одново ќе ни се вратат.

-Насмеаните лица на спортистите што ги гледавме на улиците низ Скопје се изразот на ЕМОФ 2025. Јас сум сигурен дека многу убаво си поминаа, да го видео и ѓубрето, ги забележаа и недостатоците, но убеден сум дека на странските спортисти тоа не им е воопшто важно, туку дека заминаа со позитивни емоции дома – рече тој.

Над 700 волонтери од кои 500 биле од Македонија. Еден од странските волонтери си направил тетоважа „Скопско и сè е можно“.

-Најмалиот волонтер Филип имаше 12 години, а највозрасниот 74 години. Имавме волонтери од Карибите, од Аруба, јас сум среќен што имавме многу интерес за волонтирање од дома, се плашевме дека ќе се јават повеќе од странство па тоа беше дополнителен трошок за превоз, сместување. Видовме многу среќа и елан меѓу овие деца, кои неуморно работеа, носеа дигаа, влечеа и сето тоа го правеа со радост. Мислам дека токму тие ќе го променат во иднина нашето општество, бидејќи ако тие може дел од летниот распустот да го „потрошат“ за да работат од рано наутро до вечер, а не да седат на телефон и да не се побунат никогаш, тогаш има надеж меѓу нас – рече Атанасовски.

Погледнете го целото интервју со Димитар Атанасовски на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Николовска во име на организаторот на ЕМОФ: Спортистите се вратија среќни од Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот