ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Николовска во име на организаторот на ЕМОФ: Спортистите се вратија среќни од Македонија
Ова не се игри, ова е фестивал, луѓето ги мешаат поимите и не ги знаат правилата за организација на настан од ваков тип, па така голем дел од информациите за ЕМОФ 2025, коишто протекоа во јавноста не се вистина, вeли за „Слободен печат“ Гордана Николовска, заменик-извршен директор и раководител на спорт и објекти на манифестацијата.
Препорачано
-Ние имаме солидна спортска инфраструктура, сите сали кои се граделе во минатото се адаптирани за тренинзи, во ниедна од нив немаме четири соблекувални со тушеви, ВИП соба, медиа-соба итн. Фактот е следен, само две сали ги исполнуваат условите за меѓународен натпревар, но тоа не беше пречка да не го организираме на солидно ниво ЕМОФ 2025. Со сериозен проблем се соочивме на натпреварот по теквондо, бидејќи салата во која се одржуваше ги немаше потребните капацитети. Дополнително и временските услови ни одмогнаа, бидејќи беше пеколен ден. До последен момент се надевавме дека ќе се одложи натпреварувањето. Ги направивме сите напори, но не успеавме да ја оладиме салата. Донесовме дополнително клима-уреди за ладење и направивме краток спој, снема струја. Тоа го преземаме како сериозен организациски пропуст, кој не требаше да се случи – вели Николовска.
Според Николовска, пропусти имало, но сензационализмот на настаните ги засени важните случувања за време на најголемиот спортски настан кој ни се случи, а многумина, како што вели, очигледно и не беа свесни за тоа.
Николовска ги нотира клучните проблеми со кои се соочуваме во спортот и претставуваат децениски проблем за Македонија, а на кои веднаш треба да почеме да работиме.
Таа е воодушевена од тоа како дел од федерациите се справиле со предизвиците со кои се соочувале, а во контекст на ова на пиедестал ја става Атлетската федерација.
-Атлетичарите 30 години молат да се направи една атлетска патека. Со децении се молат да тренираат пред првенство, никој не ги слуша. Атлетската федерација треба да добие орден на храброст од претседателката на државата. За да се санираат атлетските патеки беа потребни околу 130.000 евра, а добивме близу 30.000 евра. Кајакарите се соочуваат со сериозен проблем, за нив мораше да се набави комплетно нова опрема според стандардите, која чини околу 20.000 евра. Претседателот на оваа федерација, за кој очекувате дека ќе дојде во костимче, висеше на кабли за да помогне околу инфраструктурата, можете да го замислите тоа на друго место? На почетокот немавме соодветна комуникација со ракометната федерација, откако се смени раководството таму, тргнаа работите, па мислевме дека ќе ја добиеме салата во Автокоманда, но не знам зошто стопанствениците не ја дадоа. Итно ни треба уште еден олимписки базен. Да не навлегувам во недостатоците од типот на тоа дека имаме сериозен проблем во едукација на тренери, физиотерапевти, нутриционисти, знаете ли дека имаме стручни штабови во федерации каде што работат волонтери? Немаме соодветен Закон за спорт. Си играме спорт, а бараме одговорност – рече Николовска.
Николовска не сакаше да посочи име на претседател од федерација кој бил крајно незаинтересиран за целата процедура.
Една од вестите која ја возбуди јавноста беше информацијата за двајцата велосипедисти од Исланд кои беа удрени од камион за време на тренинг во Куманово. Николовска кажа дека добила директно извинување од нив поради непочитување на зададените термини за тренинг, а Велосипедската федерација на Исланд ќе сноси одговорност за тој пропуст.
– Спортистите се извинија, бидејќи самите се довеле во ризик. Тоа се малолетници коишто без надзор на тренер своеволно си направиле тренинг, на несоодветно место. Тренингот за овој спорт беше прописно закажан за сите федерации во 11 часот. Знаете само кој дојде на закажаниот тренинг? Македонија и Хрватска беа единствените коишто го испочитуваа, ниту Скандинавците, ниту Европејците – вели таа.
Според неа, странските спортисти, сепак, од Македонија се вратија среќни и задоволни.
Погледнете го целиот разговор од гостувањето на Гордана Николовска во нашето студио на јутјуб-каналот „Слободен печат“.


