ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ананиевска: Свирам пијано иако имам оштетен вид
Ема Ананиевска е дипломирана пијанистка и активистка од Скопје. За „Слободен печат“ го раскажа патот кој го поминала и бројните предизвици со кои се соочувала поради тоа што има оштетен вид. Научила важни лекции со помош на семејството и пријателите, но научила и дека не треба да се плаши да побара помош кога е потребно.
Препорачано
Ананиевска уште од најмала возраст, на само две и пол години во црковен хор ги открила првите звуци кои биле причина да се вљуби во музиката. На таа возраст бил и нејзиниот прв физички контакт со пијаното.
-Првиот контакт со пијаното ми беше кај наши пријатели кои имаа пијано дома, некако спонтано се случи тоа, седнав и почнав да стискам на клавијатурата, се запрепастив од тоа какви звуци можат да излезат – вели Ананиевска.
Со оглед на условите во училиштата, на почетокот ѝ било многу тешко да пронајде соодветни материјали, како што се Брајово писмо и звучни програми за лицата со оштетен вид. Но, тоа не ја спречило, туку ја натерало да вложи уште повеќе напор за да ја совлада музиката.
-Ако имате желба за нешто и ако сакате да постигнете нешто, нема пречка што може да ве спречи во тоа. Горда сум на целиот труд што сум го вложила, за на крај на испит да излезам рамноправно со сите останати колеги – гордо објаснува Ема за „Слободен печат“

Разговаравме за системот и за тешката ситуација со која се соочуваат лицата со попреченост во Македонија и потребата за подобра едукација. Иако со целосно оштетен вид, таа успеала да го совлада не само музичкиот инструмент, туку и технологијата со која има пристапност да комуницира на социјалните мрежи.
-Имам звучна програма која е специјализирана за лица со оштетен вид и чита сè што има на екранот и така ги користам социјалните мрежи – вели Ананиевска.
А физичката попреченост не ја ограничува да учествува во секојдневните активности кои ја прават среќна и исполнета.
-Можам да возам велосипед. Имаме велосипед со две седишта, тандем велосипед. Исто така знам и да пливам“, додава таа.

Ема мометално работи на нови музички проекти. И покрај сите потешкотии, нејзиниот свет е магичен. Таа е благодарна на секој момент од животот.
-Сонцето знам дека е жолто, затоа што тоа ми е кажано. Мене ми значи сонцето, кога ќе изгрее, кога ќе запролети сега, имам желба цело време да сум надвор. Убаво ми е затоа што е топло – вели Ананиевска.
Таа е доказ дека со упорност, поддршка и љубов, може да се достигнат големи работи, без оглед на сите препреки.


