ВИДЕО | Жена реставрирала старо парче мебел и пронашла весници од 1942 година
Жена која се занимава со реставрација на мебел наишла на вистинско мало историско богатство додека работела на старо парче, кое наместо да го продаде, одлучила да го зачува. Џенифер, 37-годишна жена од Тенеси, заедно со мајка ѝ води семеен бизнис за реставрација и продажба на антиквитети, а во изминатите седум години, како што вели, често наидувале на неочекувани и интересни откритија, пренесува „Њузвик“.
Препорачано
Додека отворала мал ормар, Џенифер во задниот дел пронашла стари весници од Охајо, датирани од 10 декември 1942 година, во екот на Втората светска војна. Видеото од откритието го споделила на Тикток, каде брзо станало вирално и собрало повеќе од 200 илјади прегледи. Во видеото стои и пораката: „Мебелот обично го продавам, но ова никогаш“.
Весниците содржеле текстови за тогашните воени случувања, меѓу кои и информации дека 18-годишни млади лица морале да се пријават за воена служба. Дел од насловите се однесувале на повеќедневните борби во Пацификот, најави за нови воени повици, сојузнички операции во Африка, како и настани во регионот на Нова Гвинеја. Во нив се споменува и заземањето на Гона од страна на австралиските сили на 9 декември 1942 година, во рамки на битката кај Буна-Гона, во време кога тој дел од брегот на Папуа Нова Гвинеја бил под јапонска окупација.
Наместо да ги фрли, Џенифер внимателно ги врамувала весниците во рамка со стакло што ги блокира УВ-зраците и ги поставила на потемно место во домот, со цел хартијата да се зачува што подолго. Иако низ годините пронашла многу стари весници, овие, како што вели, за неа имаат посебна вредност.
„Секогаш кога можеме, се обидуваме да им оддадеме почит на ветераните. Ова ни изгледаше доволно важно за да се зачува, а не да заврши во ѓубре. Затоа одлучивме да го врамиме“, изјавила таа.
Под видеото се појавиле бројни коментари од корисници кои ги споделиле своите слични искуства. Некои напишале дека дома чуваат весници од 1930-тите години, додека други ја пофалиле грижата и почитта со кои откритието било сочувано.
Џенифер вели дека пред седум години го започнала бизнисот за целосно да му се посвети на старинскиот мебел.
„Ова веќе седум години ни е професија – се занимаваме со реставрација, зачувување и продажба на антиквитети и навистина сме среќни поради тоа“, заклучила таа.
@savedbydesign.tn #antique #history #militarytiktok ♬ Soldier – Fleurie


