Фото: „Икс“ / Принтскрин

ВИДЕО: Зеленски во панцир се јави од Купјанск, градот за кој Путин тврдеше дека е „ослободен“

Украинскиот корпус „Хартија“ тврди дека „руските линии за снабдување се пресечени по ослободувањето на северните делови на Купјанск“ додавајќи: „Долго не разбираа што се случува, но сега знаат дека се опколени“.

Украинските сили соопштија дека повторно презеле делови од североисточниот град Купјанск и дека ги опколиле руските трупи таму, додека претседателот Володимир Зеленски ја посети областа и ја пофали операцијата, оценувајќи дека таа ја зајакнува позицијата на Украина на дипломатски план, објави „Киев индепендент“.

Додека се во тек мировни напори поддржани од САД, Москва тврди дека напредува на сите фронтови и дека ги зазела Купјанск и стратешкиот град Покровск на истокот. Киев го негира тоа, наведувајќи дека борбите продолжуваат.

Падот на Купјанск се заканува со колапс на украинскиот фронт

Во снимка, објавена во петокот на неговите социјални мрежи, Зеленски, облечен во панцир, се гледа како стои пред табла со името на градот на влезот во Купјанск.

– Денес е исклучително важно да се постигнат резултати на фронтовите, за да може Украина да постигне резултати и во дипломатијата – изјави Зеленски во видеото.

„Русите во Купјанск целосно отсечени“

Украинскиот корпус „Хартија“ на Националната гарда соопшти дека ослободил неколку северни реони на Купјанск.

„Руските линии за снабдување се пресечени, а неколку стотини руски војници се опколени. Денеска можеме да кажеме дека Русите во градот се целосно отсечени. Долго не разбираа што се случува, но сега знаат дека се опколени,“ соопшти „Хартија“ на апликацијата „Телеграм“.

Русија, која ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, засега не ги коментираше украинските тврдења.

Северните реони на Купјанск се под украинска контрола

Проектот „Дип стејт“ за мапирање на бојното поле сега покажува дека најмалку три села северно и западно од Купјанск се под украинска контрола.

Северните реони на Купјанск, исто така, се прикажани како под украинска контрола, а мапата сугерира дека руските трупи се опколени во центарот на градот.

Воените аналитичари наведуваат дека во ноември темпото на руските напредувања достигнало највисоко ниво годинава, при што трупите напредувале и преземале контрола врз помали села.

Русија во четвртокот соопшти дека го зазела источниот град Северск, додека, пак, Киев тврди дека тој сè уште е под украинска контрола.

Една од најголемите руски рафинерии е во пламен, Украинците жестоко удрија врз Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот